• петок, 27 декември 2024

Шесто издание на „Водно - Матка Треилс“

Шесто издание на „Водно - Матка Треилс“

Скопје, 2 април 2023 (МИА) - Шестото издание на меѓународната трка во планинско трчање „Водно-Матка Треилс” ќе се одржи денеска во околината на Скопје, на планината Водно и споменикот на природата Матка. Настанот е еднодневен и е во организација на здружението „ТРЕКС” од Скопје и се состои од три трки.

Стартовите на трките се закажани во 7, 8 и 9 часот на Средно Водно (комплекс Даре Бомбол - Црвен Крст).

Во изданието во 2023 година потврдени се 522 учесници од 26 држави. На настанот ќе волонтираат 70-тина планински тркачи, планинари, извидници и други граѓани со развиена волонтерска свест. 

Како што соопштија организаторите, првата трка (маратон) на 40 километри и 2 700 метри вкупно искачување стартува во 7 часот наутро од месноста Средно Водно. Маршрутата минува по трим патеката кон Марково Крувче, врвот Крстовар, целиот гребен на Водно до врвот Кале (Кота), потоа следи спуштање до Матка, искачување до Св. Недела, Св. Никола Шишевски, селото Св. Петка, Горно Нерези (манастир Св. Пантелејмон) за да финишира на Средно Водно пред обејктите на Црвен Крст.

Втората трка (полумаратон) ја следи истата маршрута како „големата“, но на неа учесниците не се симнуваат долу во кањонот Матка и со тоа должината која ја поминуваат е пократка и изнесува 27 километри со 1 400 вкупно метри искачување.

Третата трка од 10 километри т.н. трка за забава е наменета за почетници и рекреативци како и за младинци од над 13 години кои за прв пат ќе искусат организиран натпревар во планинско трчање – така што, како што посочуваат организаторите, целта на оваа трка е да привлече повеќе нови рекреативци и да мотивира идни шампиони.

Најбрзите натпреварувачи се очекуваат од 11 часот па натаму, а церемонијата за победници ќе биде во 14 часот на Средно Водно (комплекс на Црвен Крст).

-Ја повикуваме јавноста да го искористи денот за прошетка и да ги бодри натпреварувачите вдолж маршрутите. Исто така, и да присуствува на стартно-целната рамнина и да им честита на успешните финишери. Учесниците за време на трките ќе имаат прилика да ги посетат најубавите места на Водно, да уживаат во прекрасните панорами кон Скопската Котлина и планините Скопска Црна Гора, Жеден, Караџица, Јакупица, Китка, а во далечина и живописниот Шарпланинскиот масив прошаран со остатоците од зимскиот снег, наведуваат организаторите.

„Водно-Матка Треилс“ е во организација на Здружението за спортови во природа „ТРЕКС“ од Скопје, кое исто така е организатор на други популарни трки во планинско трчање во државава како што се Крали Марко Треилс, Охрид Ултра-Треил и Струмина Треил. мс/са/

Фото: МИА архива

Остани поврзан