• четврток, 26 декември 2024

„Шемов и јас“ - годишна изложба на основните училишта

„Шемов и јас“ - годишна изложба на основните училишта

Скопје, 10 ноември 2023 (МИА) - Во Националната галерија, објект Даут пашин амам денеска ќе биде отворена годишната изложба на основните училишта под наслов „Шемов и јас“. На изложбата ќе бидат изложени дела на учениците изработени под менторство на соработниците во проектот, професори и студенти од Факултетот за ликовни уметности при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ од Скопје, Универзитетот Фонтис од Холандија и соработничката Maaike Fekkes“.

Годишната изложба на основни училишта е изложба која традиционално е поддржана од Министерството за култура, а во организација на Националната галерија. Како што информираат од Националната галерија, идејата на проектот е секоја година најмладите да учествуваат во ликовните работилници, да совладаат ликовна техники, но и да запознаат некој од нашите најголеми македонски автори.

На отворарањето, како што е најавено, ќе се обрати директорката на галеријата д-р Дита Старова Ќерими, проф. Симон Шемов и едукаторот на проектот м-р Маја Димитрова.

Работилниците биле реализирани во текот на минатиот месец, а во нив учествувале ученици од ОУ „Коле Неделковски“, ПУ„Јахја Кемал“, Интернационално училиште „Нова“, ОУ „Невена Георгиева Дуња“, ОУ „Лазо Трповски“, ОУ „Киро Глигоров“, ОУ „Ѓорѓија Пулевски“, ОУ „Климент Охридски“, и ОУ „Лазо Ангеловски“. 

-Динамичното време во кое живееме сè повеќе бара поврзување на теоријата што се учи со пракса за знаењата да бидат лесно прифатени и како такви – трајни. Така, ако сакаме да ги образуваме најмладите во ликовната област, праксата треба да се поврзува со теоријата низ сите сегменти од воспитно- образовниот процес. Учеството во креативните работилници е одлична можност за таков тип поврзување, а сето тоа да биде забавно за децата. Крајниот резултат е секогаш среќни и задоволни деца, деца што имаат научено нова вештина. На таков начин тие се образуваат за уметноста и за уметникот воопшто. Годишната изложба на основните училишта со години наназад го има ваквиот пристап на учење, при што учениците се директно вклучени во креативниот процес. Учиме за нашите најголеми македонски автори. По што се познати? Која е нивната автентичност?, соопштуваат од Националната галерија за изложбата.

Од Националната галерија потенцираат дека творештвото на Симон Шемов била одлична можност и нов предизвик за учениците.

-Сликар, графичар, еден од првите истражувачи на алтернативните насоки на уметност. Интересирањето за природните феномени е присутно во целата негова уметност, инсталациите, објектите, интервенциите во природен и урбан простор, а особено во делата од рачно изработена хартија. Во рамките на проектот, учениците имаа можност да го запознаат авторот лично и да поминат повеќе време заедно.

Информираат дека биле организирани и работилници за рачно работена хартија, кои беа ретка и неповторлива можност за учениците одблиску да го видат процесот како се изработува таа, кои биле под менторство и во соработка со професорите и студентите на Факултетот за ликовни уметности од Скопје, како и со тимот професори и асистенти на универзитетот Фонтис од Холандија.

-На разни позиции во Даут-пашиниот амам, во амбиентот на изложбата, децата под менторство на студентите од двата факултета изработуваа разни облици од хартија, наоѓаа креативни решенија. Некои ги поврзуваа со конци, со материјали собрани од природата, а потоа истите обоени за на крај да се создадат композиции слични на изложбата „Мултиверзум“ на Симон Шемов. Децата помнат многу за она што го доживуваат во детството и тоа влијае во голема мера врз односот кон себе и кон другите. Посетата на галеријата и создавањето уметност е едно од таквите сеќавања. Убаво е чувството кога знаеме дека креираме весели спомени за нив, посочуваат од Националната галерија.фф/аа/

Фото: Национална галерија

Остани поврзан