• сабота, 28 декември 2024

Четврто издание на фестивалот „Крај Вардарот Џез“

Четврто издание на фестивалот „Крај Вардарот Џез“

Скопје, 18 мај 2023 (МИА) - Во организација на дискографската куќа „ПМГ Џез“, од денеска почнува четвртото издание на фестивалот „Крај Вардарот Џез“. Трите фестивалски вечери ќе се случуваат на малата сцена во Македонската филхармонија и во Младинскиот културен центар во Скопје.

Фестивалот е дел од програмата за размена на фестивали („FEX-Festival Exchange“) на европскиот проект „МОСТ“ за развој на сцената на светска музика на Балканот, и соработува со еден од најрелевантните промотери на музика во земјава – „Аудиокултура“.

Како што е најавено, вечер на малата сцена во Филхармонија, фестивалот ќе биде отворен со настап на Дамир Имери Трио. Тромбонист и мултиинструменталист, човек кој првите десетина години од својот работен век ги минува во МРТ, каде соработува со уметници од форматот на Драган Ѓаконовски - Шпато, Александар Џамбазов, Илија Пејовски. Во триото, покрај него, членуваат и Ади Имери и Александар Ванчовски. 

Истата вечер, на фестивалот ќе настапат и Перфорто (Perforto) од Полска, со Ола Ржепка на пијано и Лукаш Марчинијак на електрична гитара. Гостувањето на Перфорто на „Крај Вардарот Џез Фестивал“ е поддржано во рамките на европскиот проект „МОСТ“ во програмата за размена на фестивали и се реализира во соработката со Катовице ЏезАрт Фестивал од Полска.

Перфорто е жичано дуо за електрична гитара и пијано, а користат и дополнителни инструменти од дрво, метал, хартија и други материјали. Во импровизацијата ги истражуваат физичките карактеристики на звукот, како што се висината, темброт, интензитетот и неговите последици во временска линија. Интензивно, деликатно, продорно и радикално музичко доживување.

Утре, 19 мај, во лобито на кино Фросина во МКЦ во рамки на „Крај Вардарот Сесии со Аудиокултура“ ќе биде промовирано најновото винил издание на ПМГЏез, компилацијата „Крај Вардарот Џез Vol.2“.

Подоцна истата вечер во киното Фросина ќе се реализираат два концерти, на Букршлиев/Томевски и Кондовски/Дробицки.

-Соработувајќи долги години како композитори и изведувачи во повеќе македонски џез ансамбли, Филип Букршлиев и Благојче Томевски успеаја да развијат телепатска вештина за музичка комуникација, благословена од необичната звучна палета, формирана од инструментите што ги користат: бас кларинет и гитара. Во оваа прилика ќе го промовираат материјалот од албумот „Something Lonely in the Bone“ (ПМГЏез, 2023 година). Настапот на „Кондовски/Дробицки“ е логична прогресија на нивните чести соработки, што резултираше со неколку изданија на ПМГЏез. Владан Дробицки (тромбонист) е еден од водечките џез музичари во земјата, додека Глигор Кондовски (виолина, електроника) исцртува езотерична фигура, лизгајќи се помеѓу класика, експеримент, џез, фотографија и филм, соопштија организаторите.

Во сабота, во денсинг салата на МКЦ ќе настапат „Ларта“, проектен состав на тапанарот Дино Милосављевиќ, кој, минатата година за „ПМГ Џез“ издаде прв самостоен албум „Fragments“, во соработка со долгогодишните пријатели Ѓоко Максимовски - бас, Васко Бојаџиски - саксофон и Владан Дробицки - тромбон. Милосављевиќ е еден од најистакнатите тапанари во регионов. Соработува со врвни и познати музичари и уметници, како „Сетстат“, „Кабадајас“, „Алшар“ - проект на Никола Коџабашија, „Беневентан трио“ и „Инфјус“. Милосављевиќ е еден од основачите на „Skopje Drum Talks“, првото здружение за едукација и поддршка на тапанари во земјава.

Фестивалското издание ќе се заокружи со ѕвездите на фестивалот „Чуи“ од Хрватска, загрепски квартет, чија визија е спој на џез со современа клупска танцова музика, електроника и рокенрол. бт/бак/

Остани поврзан