• недела, 24 ноември 2024

Фестивал на инклузија во Кисела Вода

Фестивал на инклузија во Кисела Вода

Скопје, 20 јуни 2024 (МИА) - Во Паркот Македонија вечер почнува третото издание на Фестивалот на инклузија, кој го организираат здруженијата „Икуалити“ и „Визија Плус“, со поддршка од Општина Кисела Вода. Отворањето ќе го одбележат децата од инклузивниот бенд од училиштето „Димитар Влахов“ под водство на професор Кристијан Тасевски и пијанистката Ема Ананиевска.

-И оваа година фестивалот ветува богата содржина, интегративни и инклузивни работилници за деца и млади, активности за сите генерации, како и многу забава низ богата музичка програма, филмска вечер, театарска претстава, соопштија организаторите.

Музичката програма вечер ќе ја предводат Зарина Првасевда, Дина Јашари, Нина Јанева со бендот, ДЏ Мартин Делимитов, ДЏ Џон Антонио.

Како што е најавено, програмата ќе ја збогатат и спортските работилници „Испробај се во баскет во колички“, уметничките работилници „Од украс до отпад-правење фигури и украси“, работилница за изработка на наметки за суперхерои „Ние сме супер-херои“ во соработка со Специјалното училиштето „Св. Наум Охридски“, како и работилницата за танци „Танцувај со нас“.

Во четиридневната прорама се предвидени и целовечерни филмски проекции на платно со меѓународно наградени филмови на социјално инспиративни инклузивни теми и танцовата инклузивна претстава „Сеќавања“ во изведба на Танцовото студио – Еурека, како и магионичарско шоу.

-Програмата ќе биде заокружена со дебатата „Креираме инклузија и интеграција преку меѓусебна поддршка“ со учество на родители на деца со попречености, која ќе ја модерира претседателот на Здружението Икуалити, Гере Трипков, како и со изложбата на цртежи на деца од општинските школи од Општина Кисела Вода на тема „Заедно можеме“, информираат организаторите.

Здружението „Икуалити“ ќе додели награди „Шампиони на инклузијата“ за придонес и промоција на правата на лицата од социјално ранливите заедници во категориите - лице со попреченост, организација, општествено одговорна компанија, јавна личност, градоначалник и амбасадор.бт/са/

Фото: Општина Кисела Вода

 

Остани поврзан