Уставниот суд ја одржува првата седница во 2026 година - на дневен ред девет иницијативи за оценка на уставноста и законитоста
- Уставниот суд денеска ќе ја одржи првата седница оваа година со дневен ред, на кој се закажани девет иницијативи за оценување на уставноста и законитоста, едно барање за заштита на слободата и правата и три предлози за одлучување со нацрт-одлука.
Скопје, 21 јануари 2026 (МИА) - Уставниот суд денеска ќе ја одржи првата седница оваа година со дневен ред, на кој се закажани девет иницијативи за оценување на уставноста и законитоста, едно барање за заштита на слободата и правата и три предлози за одлучување со нацрт-одлука.
На дневен ред на денешната седница е иницијативата со која е оспорени член 2 ставовите 1 и 4 и член 73 од Законот за Народната банка на Република Северна Македонија. Подносителот на иницијативата Славко Лазовски смета дека Народната банка е привилигирана во однос на даночните ослободувања и олеснувања, кои, според него, немаат смисла и оправданост и тоа е спротивно на владеењето на правото како темелна вредност на уставниот поредок, член 33 и член 51 од Уставот на Република Северна Македонија.
Пред судиите ќе се најде и иницијативата во која е оспорен член 60 став 3 алинеја 2 од Законот за управните спорови. Подносителот на иницијативата Александар Наумовски смета дека оспорената одредба предизвикува дилеми, непрецизна е и нејасно е имплементирањето во праксата. Во иницијативата се наведува дека не е во согласност со владеењето на правото, со одредби од членот 50 и Амандманот XXI на Уставот.
На денешната седница, меѓу другите точки, се и иницијативите за оспорување членови од Законот за извршувањето, Колективниот договор за здравствената дејност, правилници за распределба на авторски надоместоци, геодетски работи за посебни намени, како и локални акти од општините Гостивар, Тетово и Карпош. дма/са/
Фото:МИА архива