• вторник, 24 декември 2024

Трета глобална женска лидерска конференција „Јас сум Жена"

Трета глобална женска лидерска конференција „Јас сум Жена

Скопје, 31 август 2024 (МИА) - Во Скопје денеска и утре ќе се одржува третата глобална женска лидерска конференција „Јас сум Жена".

Според Здружението за вмрежување на успешни жени, едуцирање и истражување, денешната агенда предвидува четири панел дискусии. На првата, „Македонки во здравство“, говорници се Катерина Станкова Нинова, гинеколог акушер, Олга Јотовска, педијатар и доц. др. Тања Анѓушева, кардиолог, интензивист, на втората, „Македонки во спорт“ панелистки се Гордана Цветковска Бошевска, кикбоксер, Симона Трповска, технички нуркач и Тамара Јолевска Попов, маратонка, додека на третата панел дискусија „Македонки во нетипични професии“ ќе зборуваат Билјана Гичевски, карстолог, Ирина Маневска, Асистент MSci по рибарство и Наташа Мијат Крстевска, контролор на летање. Четвртиот панел е насловен „Македонки во светот“, а говорнички се Данче Андревска Ѓорѓиевски, главен директор за технологија и извршен потпретседател на ADAC во САД, Дијана Илоска – Лејер, доктор по хумана биологија и , Славица Туџарова, вонреден професор на UCLA и ко-основач на биотехнолошката компанија Metanoia Bio.

За утре е најавена работилницата „Едукативни инфлуенсери“ на која панелистки се Лепа К. Тагасовска, колекционер на орхидеи и Силвана Стефановски, биохемиски инженер, а ќе има и разговор на тема „Успешна македонска приказна“. Гостинка е Дафинка Муцунска – Дина, генерален менаџер на хотелот „Манастир“ во Берово.

Пред денешното официјалното отворање на конференцијата, гостите ќе имаат можност да погледнат две изложби, на рачни изработки од македонските занаетчики и на портрети од млада надежна македонска уметница. мч/са/

фото: Здружение за вмрежување на успешни жени, едуцирање и истражување

 

Остани поврзан