• вторник, 24 декември 2024

Почнува 25-то издание на Есенски музички свечености

Почнува 25-то издание на Есенски музички свечености

Скопје, 5 ноември 2024 (МИА) - Со Суитата МАКЕДОНИКУМ, музика на Давор Јордановски во изведба на ансамблот ИН МЕДИАС РЕС при Полифонија Уметнички Центар, денеска се отвора 25-то издание на Есенски музички свечености. 

Проектот МАКЕДОНИКУМ е промоција на Македонската уметничка музика пред нови генерации и нова публика. Во својата 20-годишна работа Уметничкиот Центар ПОЛИФОНИЈА презема активна улога во реализацијата на проекти од повеќе стилови кои привлекуваат различни типови публика (едукативни, експериментални, џез и премиери на класична и барокна музика), залагајќи се за новина и разновидност кои ја продлабочуваат уметноста, при што и наследството и искуството на многубројните уметници презентирани преку проектите на ПОЛИФОНИЈА низ годините.

- Концертното претставување на овој проект е уникатен спој на врвни Македонски изведувачи и музика напишана во класичен стил каде се комбинираат културни музички влијанија од повеќе делови на светот преку познати Македонски мелодии. „Македоникум“ е свита на композиторот Давор Јордановски која ја започнал уште во далечната 2002 година. Ја сочинуваат 12 пиеси за мешан ансамбл (виолина, флејта, кларинет, фагот и пијано) врз основа на легендарни македонски мелодии како Кољо, Милица, Анѓа, Чалгии и др. Спротивставените виртуозни делници на инструменти во изведба на етаблирани музичари со различна генерациска и образована позадина, успеваат сосема да ја обземат публиката со што значително се зголемува и интересот кон Македонската музика, се вели во соопштението од Ристо Ѓоревски, член на ансамблот.

Концертот ќе биде во изведба на следните уметници: Сања Шуплевска - виолина, Марија Јакимовска - флејта, Ристо Ѓоревски - кларинет, Орце Ицковски - фагот, Давор Јордановски - пијано. цр/са/

Фото: Ристо Ѓоревски, член на ансамблот

 

Остани поврзан