• сабота, 23 ноември 2024

Со концертот „Седенка се збира“ Танец ја одбележува 100 годишнината од раѓањето на Ѓорѓи Димчевски

Со концертот „Седенка се збира“ Танец ја одбележува 100 годишнината од раѓањето на Ѓорѓи Димчевски

Скопје, 11 јуни 2024 (МИА) – Во чест на 100-годишнината од раѓањето на легендата на македонската народна музика, Ѓорѓи Димчевски, Ансамблот „Танец“ вечерва со почеток од 20 часот во Македонскиот народен театар ќе одржи концерт.

Овој музичко-сценски спектакл насловен „Седенка се збира“ е во рамките на јубилејната година, кога ансамблот ја чествува 75-годишнината од основањето.

Горѓи Димчевски (1924 - 2006) е една од легендите на македонската народна музика. Во „Танец“ цели 25 години бил раководител на оркестарот, солист на виолина и тамбура, аранжер на песни и инструментални мелодии, но и автор на музички обработки на цели кореографии. 

Неговото име стои зад антологиските постановки Мариовска тресеница, Осоговка, Жетварка, Водарки, Тропнало оро, Цвеќеберачки, Солунка, Русалии и други.

За време на својот богат творечки век, запишал и мелографирал неколку стотици македонски народни мелодии и објавил неколку книги со народни песни и ора, „Вие се оро македонско“, „Седенка се збира“, „Македонски ора“, „Ајде да пееме заедно“.

Како што информираат од Танец, програмскиот фокус на концертот е ставен на кореографското творештво, но и на неколку вокални, инструментални и вокално-инструментални сплетови, составени од прекрасни народни мелодии, кои што биле предмет на неговите музички обработки. 

На концертниот дел од програмата ќе ѝ претходи документарен видео осврт кон неговиот животен и творечки пат.ар/са/

Фото: Танец

Остани поврзан