• недела, 24 ноември 2024

Солистички концерт на пијанистката Дуња Иванова во Виена

Солистички концерт на пијанистката Дуња Иванова во Виена

Скопје, 24 јуни 2024 (МИА) - Македонската пијанистка Дуња Иванова денеска ќе одржи солистички концерт во концертната сала „FEURICH Performing Stage“ во Виена.

На програмата се дела од култниот јапонски композитор Руичи Сакамото и од младата прогресивна музичка авторка Ханиа Рани од Полска.

Концертот во Виена е дел од Годишната меѓународна програма на Министерството за култура за 2024 година

Иванова е магистар по пијано, магистар и доктор на науки по филозофија. Со солистичка и камерна концертна дејност се претставува во Њујорк (САД), Париз (Франција), Сараево (БиХ), Рагуза (Италија), Приштина (Косово), Подгорица (Црна Гора), Тирана (Албанија); на фестивалите „Скопско лето“, „Охридско лето“, „Денови на македонска музика“, „Музика вива“, Филмскиот фестивал „Браќа Манаки“, Фестивалот за Јапонска култура; настапува со оркестарот на Музичката младина на Македонија, во камерни состави, на балетски претстави и во рамките на филмски остварувања. Особено значајни се нејзините рецитали посветени на музиката на Збигњев Прајснер, Филип Глас, Лудовико Еинауди, Арво Перт, Руичи Сакамото, Мајкл Најман, Давид Федел, Макс Рихтер, Ханиа Рани, Ана Пандевска.

Авторка е на неколку публикации од областа на естетиката на музиката, како и на книгите ,,Рецепцијата на музичкото дело во естетичките теории на 20-от век“ (2016) и „Естетското доживување на музиката“ (2010).

Иванова е наставник по пијано во ДМБУЦ ,,Илија Николовски Луј " - Скопје. дма/бак/

 

Остани поврзан