Сесија на НКЕУ-МК: „Европски стандарди за дисциплински и изборни механизми во правосудството како клучен елемент на владеењето на правото“
- Националната конвенција за Европската Унија во Северна Македонија ќе биде домаќин на 18. сесија на работната група 3 - Правосудство и основни права (Поглавје 23) на тема „Европски стандарди за дисциплински и изборни механизми во правосудството како клучен елемент на владеењето на правото“, во организација на Европското движење.
Скопје, 12 февруари 2026 (МИА) – Националната конвенција за Европската Унија во Северна Македонија ќе биде домаќин на 18. сесија на работната група 3 - Правосудство и основни права (Поглавје 23) на тема „Европски стандарди за дисциплински и изборни механизми во правосудството како клучен елемент на владеењето на правото“, во организација на Европското движење.
Дискусијата, како што информира организаторот, ќе биде насочена кон тековните реформски процеси во правосудството, а посебен фокус ќе биде ставен на законските решенија од перспектива на изборните и дисциплинските механизми, како и на нивниот институционален капацитет да воспостават одржлив и функционален баланс меѓу независноста и отчетноста на правосудните органи. Исто така, ќе се разгледа и степенот на нивната усогласеност со релевантните европски стандарди и препораки.
Воведно обраќање во темата, како што е најавено, ќе имаат министерот за правда Игор Филков, шефот на мисијата на ОБСЕ, амбасадорот Килијан Вал и директорката на Академијата за судии и јавни обвинители, Ирина Трајкоска-Стрезоски, а на сесијата ќе учествуваат и други професионалци од правосудството, институционални претставници, експерти и претставници на граѓанското општество.
Проектот Национална конвенција за Европската Унија во Северна Македонија е платформа за вклучување на граѓанскиот сектор во дебати за теми поврзани со процесот на европската интеграција, со цел да се подготват сите капацитети на државата за претстојниот процес на преговори со ЕУ. Проектот е реализиран од страна на Европското движење во Северна Македонија, а е финансиран од Делегацијата на Европската Унија во Република Северна Македонија. аа/са/
Фото: МИА архива