• четврток, 19 декември 2024

Рецитал на пијанистот Дино Имери во Филхармонија

Рецитал на пијанистот Дино Имери во Филхармонија

Скопје, 17 мај 2023 (МИА) - Во Големата сала на Филхармонија вечерва ќе настапи пијанистот Дино Имери. Концертот е насловен „Ишарет“, а на програмата се дела од Де Фаља, Момпу, Равел и Бизе.

Дино Имери (1990) е еден од најреномираните македонски пијанисти. Настапува на престижните сцени низ светот како гостин на врвни оркестри, рецитален уметник и како камерен музичар. Настапувал во Австрија, Италија, Франција, Хрватска, Србија, Бугарија (гостувал рекордни пет пати во три сезони на Софиската Филхармонија, дополнително изведувајќи рецитал со дела од македонски автори во Софија во рамки на циклусот „Музиката на Европа – Македонија“), Словенија и др.

За неговата уметност, стручната критика ќе напише „Дино Имери не само што ја изведува музиката, скоро како да ја компонира во моментот. Неверојатен и рафиниран квалитет на звукот, беспрекорна техника, инструментална култура и фасцинантна слобода со еден неверојатен интерпретациски квалитет во неговите изведби – ова е краток опис на неговото големо умеење.“

Настапувал со Стразбуршкиот Филхармониски Оркестар, Софиска Филхармонија, Македонска Филхармонија, Симфониски и Камерен оркестар на ФМУ-Скопје, Оркестарот на Националната Опера и Балет. Соработувал со еминентни уметници, пејачи и инструменталисти.

Добитник е на бројни награди и признанија меѓу кои наградата „Виртуози“ за млад музички уметник, „Св. Мајка Тереза“ за хуманост, лауреат на Фондација „Томислав Зографски“, ранг во десетте најдобри млади европски пијанисти според 3eme Concours européendepiano– Normandieи...

Покрај концертната дејност, Имери се потпишува на повеќе изданија за престижни дискографски куќи меѓу кои „Dino Imeri LIVE“ (2010, Piano Plage France), “Reflections” (2020, PMG Jazz), “Passions” (Con:tempo, 2021) и др.

Имери бележи бројни успеси и како млад композитор, пишувајќи музика за филм, театар (соработка со независниот театар Артопија), балет („Дијалози“ на Ивана Коцевска), инструментална и вокална музика, мултимедијални проекти („Проста и строга македонска песна – 100 години од раѓањето на Блаже Конески“). Со своето образование се стекнува во ДМБУЦ „Илија Николовски-Луј“ (класа на проф. Људмила Романова), дипломира со високи почести на ФМУ-Скопје (класа на проф. Борис Романов), а магистрира со високи почести и просек 10,00 на ФМУ-Скопје (класа на проф. Симон Трпчески). Во 2018 година, Дино Имери се стекнува со звање доцент и предава на својот Алма Матер - Факултетот за Музичка Уметност во Скопје при УКИМ. дма/бак/

Фото:Филхармонија

 

 

Остани поврзан