Регионална тинк-тенк конференција „Да ја сочуваме демократијата: Соочување со подемот на десниот популизам“
- Регионална тинк-тенк конференција насловена „Да ја сочуваме демократијата: Соочување со подемот на десниот популизам“ ќе се одржи денеска во Скопје, во организација на Прогрес Институт за социјална демократија со поддршка од Фондацијата Калеви Сорса од Финска.
Скопје, 14 декември 2024 (МИА) - Регионална тинк-тенк конференција насловена „Да ја сочуваме демократијата: Соочување со подемот на десниот популизам“, денека и утре ќе се одржува во Скопје, во организација на Прогрес Институт за социјална демократија со поддршка од Фондацијата Калеви Сорса од Финска.
Целта на настанот, како што велат организаторите, е да ги собере креаторите на политики, академската заедница, актерите на граѓанското општество и останати засегнати страни да ги истражат изворите и динамиката на десниот популизам.
Во рамки на панел дискусиите ќе се анализираат политичките, општествените и економските фактори кои го поттикнуваат подемот на десниот популизам, како и неговото влијание врз демократските институции и владеењето на правото. Целта е, исто така, да се предложат ефективни стратегии за заштита на демократијата.
На настанот ќе е обратат Марко Михаилоски, извршен директор на Прогрес Институт и Јелена Симиќ проектна менаџерка во Фондацијата Калеви Сорса.
На првата панел-дискусија „Политичката динамика на десничарскиот популизам во Европа и Западен Балкан“ учество ќе земат проф. д-р Јаник Лахти од Финска, претседателката на мрежата за родова еднаквост на ЦИЕ Хрватска Даша Силовиќ и уредникот за надворешна политика на телевизија 24 Сеад Ризвановиќ.
На вториот панел „Популизам vs. Демократија: Ерозија на институциите и владеењето на правото“ ќе говорат поранешната судијка на Европскиот суд за човекови права во Стразбур Маргарита Цаца Николовска, претседателот на Центарот за модерни вештини од Србија Милош Џајиќ и експертот за социјални прашања Душан Томшиќ.
На третата панел дискусија „Улогата на социјалните медиуми и лажните вести во зајакнувањето на популистичките наративи“ ќе говорат главниот и одговорен уредник на Вистиномер Владимир Петрески, специјалистот за комуникации Марјан Забрчанец, пратеничката во Парламентот на Финска Пинја Перхолехто, како и пратеничката во македонското собрание Славјанка Петровска.
Утре, на последниот панел насловен „Градење на коалиции: Јакнење на соработката помеѓу граѓанското општество и политичките актери“ предвидено е учество на заменик претседателката на СДСМ Фани Карафилова Пановска, пратеничката од Босна и Херцеговина Лана Прлиќ, потпретседателката на Европската мрежа против сиромаштија Билјана Дуковска и меѓународната секретарка на СДП Хрватска Каролина Леаковиќ. дма/нд/
Фото: Скриншот