• среда, 25 декември 2024

Промоција на најновиот роман на Киро Донев „Дневникот од штрковото гнездо“

Промоција на најновиот роман на Киро Донев „Дневникот од штрковото гнездо“

Гевгелија, 12 септември 2024 (МИА) – Најновата книга на Киро Донев – романот за деца „Дневникот од штрковото гнездо“ ќе биде промовиран денеска во Основното училиште „Владо Кантарџиев“ во Гевгелија со почеток во 11 часот.

Промоцијата е во организација на Градската библиотека „Гоце Делчев“, а промотор ќе биде Ацо Ѓоргиев, кој е и автор на поговорот на книгата.

Романот е илустриран со цртежи на Славица Купенкова.

- Приказната во романот се одвива во едно планинско село во кое кај своите баба и дедо доаѓаат две внучиња за да го минат летниот распуст. Еден ден, играјќи тенис, топчето малку посилно удрено одлетува во напуштено штрково гнездо. Дедото е принуден да им го симне „непослушното“ топче. И, токму од тука, почнува и нивната авантура. Покрај топчето наоѓа и една – училишна тетратка, која всушност е дневник на некое дете по име Добре Лошиот. За тој пишувач на дневникот со такво име и чудно презиме - дедото нема слушнато. За да го откријат авторот на дневникот, дедото и децата наизменично го читаат и откриваат дека тоа дете раскажува речиси неверојатни нешта. Но и загатката станува сè понерешлива, стои во описот на книгата.

Киро Донев (1942, Моноспитово, Струмичко) е автор на педесетина книги за деца, романи, раскази, гатанки, повести, пиески, стихозбирки и сликовници. За своето творештво е добитник и на високи книжевни награди. Неколку негови книги се објавени во повеќе изданија. Негови дела се преведени на десетина јазици. ар/нд/

Фото: Македоника Литера 

Остани поврзан