Промоција на книгата за тинејџери „Очи во очи“ на Ели Маказлиева
- Во Домот на културата „Кочо Рацин“ во Скопје, денеска ќе се одржи промоција на книгата „Очи во очи“ од поетесата Ели Маказлиева. Книгата е наменета за тинејџери од 12 до 18 годишна возраст.
Скопје, 30 октомври 2024 (МИА) – Во Домот на културата „Кочо Рацин“ во Скопје, денеска ќе се одржи промоција на книгата „Очи во очи“ од поетесата Ели Маказлиева. Книгата е наменета за тинејџери од 12 до 18 годишна возраст.
Промотори се рецензентите Билјана Костова и Тања Нанкова во интеракција со своите ученици.
-Освен детството и тинејџерскиот период, ниту една фаза во човековиот развој не резултира со толку брзи или драматични промени. Тинејџерите се соочуваат со многу нови искуства коишто ја предизвикуваат нивната способност да се справат со широк спектар на интензивни и моќни емоции. Токму затоа создадена е оваа книга, напиша Маказлиева за книгата.
Како што посочува, песните ја демонстрираат важноста на создавање врски меѓу поезијата и времето на промени кај тинејџерите, како физички така и психички, праќајќи клучни пораки.
-На структурно ниво, песните нè потсетуваат дека ако се читаат аналитички, секој би се движел надвор од ограничувањата низ светот што се менува. Книгата е одлична можност младиот човек – тинејџер да ги прошири хоризонтите на читање поезија и во стиховите да најде инспирација или потреба од утеха во периодот на созревањето. Всушност, во периодот на промените кога младите се среќаваат со убави и неубави нешта поезијата ќе им биде како кислород што најмногу им треба, баланс во решавање на проблемите. Стиховите ќе ги поттикнат на радост и задоволство, ќе им бидат лек за болката на патот кон полнолетството и грижата за менталното здравје, потенцира авторката.
Како што додава, со помош на поучните стихови тинејџерите ќе ја засакаат поезијата ќе осознаат дека не се сами и не се први коишто минуваат низ промените и проблемите, ќе ги стишат нивните потиснати копнежи кои се претвараат во огнена бура на емоции.
-Поезијата во оваа книга нуди спас за сите проблеми на тинејџерите, таа е суштински прозорец во сложениот емотивен свет на тинејџерот кој бара смисла и цел, додава Маказлиева.бт/са/
Фото: плакат