• недела, 24 ноември 2024

Промотивна конференција за прекуграничниот проект „ЦБЦ еквилајзер за пол и возраст на работните места“

Промотивна конференција за прекуграничниот проект „ЦБЦ еквилајзер за пол и возраст на работните места“

Скопје, 25 април 2024 (МИА) - Фондацијата за менаџмент и индустриско истражување - МИР денеска организира промотивна
конференција за прекуграничниот проект „Премостување на родовиот и возрасниот јаз на пазарот на труд преку градење капацитети и промовирање на нови можности за вработување во прекуграничниот регион (ЦБЦ еквилајзер за пол и возраст на работните
места)“.

Проектот ќе го имплементира Фондацијата во партнерство со Здружението на бизнис жени во Србија, Здружението на бизнис жени Врање и здружението Праведни и Професионални. Проектот ќе се реализира во општините Трговиште, Владичин Хан и две градски општини на град Врање во Србија, и во Северна Македонија во општините Бутел и Ѓорче Петров.

Целта на проектот е зголемено учество на жените, младите и ранливите групи на жени на пазарот на труд. Со таа цел, меѓу другото, ќе бидат спроведени сертифицирани обуки и менторски сесии во блиска соработка со избрани работодавачи. Овие активности ќе придонесат за зголемена вработливост на овие групи во прекуграничниот регион (Србија - Македонија). На промотивната конференција се очекува учество на релевантни чинители од областа, каде ќе бидат презентирани проектните цели и активности, како и можностите за вклучување во проектот и бенефитите за главните целни групи.

Предвидени се два панели, на кои учесниците ќе имаат можност да слушнат за родовиот јаз на пазарот на труд, каде претставници од Комисиите за еднакви можности на мажите и жените од општините „Ѓорче Петров“ и „Бутел“ ќе дадат свој осврт.

Преку панелот за поддршка за зголемена вработливост на младите, нашите гости од Националниот младински совет и невладините организации кои соработуваат со млади ќе зборуваат за стратегии за подобрување на положбата и вработливоста на младите. вг/са/

Фото: МИА Архива

 

Остани поврзан