• четврток, 12 февруари 2026

Проекција на документарниот филм „Тата“ на „Зимски Македокс“

Проекција на документарниот филм „Тата“ на „Зимски Македокс“

Скопје, 11 февруари 2026 (МИА) - Во рамките на програмскиот сегмент „Зимски Македокс“, денеска, во Младинскиот културен центар во Скопје, ќе биде прикажан документарниот филм „Тата“ на Лина Вдови и Раду Чорнициу, проследено со дискусија со режисерите и со експерти на темата. 

Од „МакеДокс“ го опишуваат „Тата“ како приказна за траумата и наследството на насилството, но и за храброста да се прекине молкот и да се отвори пат кон исцелување.

- По години отуѓеност, Лина, молдавска новинарка, добива видеопорака од својот татко, мигрантски работник во Италија. На видеото се гледаат модринки на неговите раце. Со скриена камера таа тргнува по правда, но и по многу подлабока, лична вистина. „Тата“ е интимен и суров документарен портрет на семејство заробено во генерациски образец на насилство, токсична машкост и тишина. Снимен во Италија, Молдавија и Романија, филмот ја следи ќерката која се обидува да го прекине циклусот - за себе, за следната генерација, па дури и за оној што ја повредил - стои во соопштението од „Македокс“.

Режијата, сценариото и камерата во филмот се на Лина Вдови и Раду Чорнициу, на монтажата работеле Ана Фабини, Андреј Горган, Ципријан Цимпои, Делија Онига, звукот е на Хуго Дијкстал, а музиката на Јерг Фолерт. Филмот е реализиран во продукција на „Манифест филм“ во копродукција со „Корсо филм“.ар/са/

Фото: МакеДокс

Остани поврзан