• среда, 18 декември 2024

Продолжува комисиската расправа за Предлог-буџетот за 2025

Продолжува комисиската расправа за Предлог-буџетот за 2025

Скопје, 15 ноември 2024 (МИА) – Во собраниската Комисија за финансирање и буџет денеска треба да продолжи расправата за Предлог-буџетот за 2025 година. Комисиската расправа започна вчера и според Деловникот трае 10 дена, по што како Дополнет предлог се испраќа на разгледување и усвојување на пленарна седница на Собранието.

Министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска во нејзиното обраќање пред пратениците на почетокот од комисиската расправа за Предлог-буџетот за 2025 година, нагласи дека Предлог-буџетот за 2025 година се базира на реални макроекономски претпоставки и фискални проекции и обезбедува непречено функционирање на институциите на државата и редовно сервисирање на обврските.

Според Димитриеска-Кочоска, Предлог-буџетот е развоен со социјална компонента, во кој дополнителна карактеристика е тоа што трендот на раст на расходите е понизок од трендот на раст на приходите, односно приходите се зголемени за 13 проценти, а расходите за 10 проценти во однос на 2024 година, што придонесува кон консолидација и намалување на буџетскиот дефицит за околу 3,3 милијарди денари.

- Ова е прв буџет којшто го предлагам како министер за финансии и прв буџет на оваа Влада. Зад бројките стои нов концепт. Бројки кои покажуваат борба со сивата економија, борба со криминалот, бројки кои ќе донесат повисоки стапки на економски раст и одржливост на долг рок. Фискалната политика за 2025 година е во функција на натамошна консолидација, реструктуирање и оптимизирање на јавните приходи и расходи со намалување на нивото на буџетскиот дефицит и јавниот долг, како и поттикнување на економската активност преку реализирани инфраструктурните расходи. Очекуваните резултати се во остварување повисоки стапки на економски раст, повисоки плати, подобар стандард за пензионерите, подобри услови за живот преку реализација на општинските проекти и инфрструктурните проекти, а сето тоа ќе биде поттикнато и од спроведување на реформите со поддршка на Планот за раст за Западен Балкан, рече Димитриеска-Кочоска. 

Инфлацијата се очекува да се намали на ниво од 2,2 проценти, како резултат на стабилизирањето на цените на основните прехранбени производи и на енергенсите на меѓународниот пазар, забавувањето на странската ефективна инфлација, како и поумерениот притисок од базичната инфлација. Очекувањата се дека позитивните макроекономски движења ќе продолжат и во 2025 година и економскиот раст ќе забрза на 3,7 проценти како резултат на позначителениот раст на инвестициите, солидното зголемување на потрошувачката и закрепнувањето на надворешната побарувачка.

Вкупните приходи во Предлог-буџетот се планирани на ниво од 358,8 милијарди денари, а расходите на ниво од 400,2 милијарди денари. Буџетскиот дефицит е проектиран во апсолутен износ од 41.350 милиoни денари или на ниво од 4 проценти од планираниот БДП.

Опозицијата на првиот ден од комисиската расправа за Предлог-буџетот за 2025 година оцени дека се работи за безидеен буџет кој ќе генерира нови долгови и ќе имаме уште една изгубена година на економски план. 

Лидерот на СДСМ Венко Филипче рече дека фискалната политика што ја предлага власта во Буџетот за 2025 година ќе ја уништи финансиската стабилност на земјата. Во Предлог-буџетот, според Филипче, има проектирано нереални високи стапки за економскиот раст кои не се ништо друго освен изговор за планираната зголемена буџетска дупка и нови задолжувања. Според лидерот на СДСМ, од ветувањата на Владата, нема ништо.

- Владата предвидува раст на БДП од 3,7 проценти за 2025 година. Народната банка го проектираше растот на 3,3 проценти, а Светската банка е уште попесимистична со 2,5 проценти. Буџетскиот дефицит е поставен на 4 проценти од БДП, што директно го нарушува Законот за буџетите. И ова мора да биде јасно, таквиот пристап не значи развој. Тоа значи дека Владата планира да троши повеќе отколку што заработува. И кој ќе го враќа тој долг? Ќе ги зголемиме ли даноците? Ќе ги скратиме ли јавните услуги? Ќе се задолжуваме?, праша Филипче.

Според Филипче, во Предлог-буџетот нема развојни проекти, се води нефер политика со домашните компании и нема никаква визија за енергетската независност на државата. 

Комисиската расправа, според новиот Деловник, би можела да трае до 30 ноември по што Предлог-буџетот треба да биде донесен на пленарна седница. Претседателот на Собранието Африм Гаши во интервју за МИА соопшти дека во втората половина на декември се очекува Предлог-буџетот да се најде на пленарна седница. 

Буџетот за 2025 година треба да биде изгласан до 31 декември. аа/са/

Фото: МИА архива

Остани поврзан