• сабота, 28 декември 2024

Продолжува амандманската расправа за Предлог-буџетот за 2025

Продолжува амандманската расправа за Предлог-буџетот за 2025

Скопје, 27 ноември 2024 (МИА) - Во Собранието денеска седници ќе одржат две комисии - Комисијата за прашања на изборите и именувањата и Комисијата за финансирање и буџет.

Во собраниската Комисија за финансирање и буџет продолжува амандманската расправа за Предлог-буџетот за 2025 година. Вкупните приходи во Предлог-буџетот се планирани на ниво од 358,8 милијарди денари, а расходите на ниво од 400,2 милијарди денари. Буџетскиот дефицит е проектиран во апсолутен износ од 41.350 милиoни денари или на ниво од 4 проценти од планираниот БДП. Инфлацијата се очекува да се намали на ниво од 2,2 проценти, како резултат на стабилизирањето на цените на основните прехранбени производи и на енергенсите на меѓународниот пазар, забавувањето на странската ефективна инфлација, како и поумерениот притисок од базичната инфлација. Извозот се очекува да има раст од 4,2 проценти, а увозот од 4,4 проценти како резултат на очекувањата за постепено стабилизирање на меѓународното опкружување и зголемувањето на надворешната побарувачка. 

Амандманската расправа почна на 19 ноември, а треба да заврши најдоцна до 30 ноември. Поднесени се вкупно 307 амандмани од кои 204 на опозицискиот СДСМ.  По амадманската расправа како Дополнет предлог буџет се враќа во Владата на финално одобрување по што согласно законските рокови, треба да биде изгласан во Собранието до крајот на оваа календарска година.

Членовите на Комисијата за прашања на изборите и именувањата, пак, ќе дискутираат за предлог - одлуките за избор на претседател и членови на Советот за граѓански надзор, за изменување на Одлуката за избор на претседател, заменик на претседателот, членови и нивни заменици на Комисијата за прашања на изборите и именувањата,  за изменување на Одлуката за избор на претседатели, заменици на претседателите, членови и нивни заменици на комисиите на Собранието, за изменување на Одлуката за основање на пратенички групи на Собранието  за соработка со парламенти на други држави. Исто така и за утврдување на предлог одлуки за изменување на Одлуката за избор на шеф, членови и заменици членови на Делегацијата на Собранието на Република Северна Македонија во Парламентарното собрание на Советот на Европа (ПС СЕ), за изменување на Одлуката за избор на претседател, потпретседатели, членови и заменици-членови на Делегацијата на Собранието на Република Северна Македонија во Парламентарниот комитет за стабилизација и асоцијација и Разгледување на барањето за остварување на плата по престанок на функцијата Заменик Народен правобранител. фф/лв/

Фото: МИА Архива

 

 

Остани поврзан