• недела, 24 ноември 2024

Претставата „Кенди“ на сцената во Драмски театар

Претставата „Кенди“ на сцената во Драмски театар

Скопје, 8 март 2024 (МИА) - Победничката претстава на фестивалот МОТ 2023, во селекција на независна продукција со награда „БИШ“, „Кенди“, вечер ќе биде изведена на малата сцена од Драмскиот театар Скопје.

Претставата е во режија и адаптација на Тамара Стојаноска, работена по романот на Лук Дејвис и по авторски материјали од ХОПС – опции за здрав живот – Скопје. Таа е во продукција на независниот театар „Златен Елец“, во која играат актерите Лео Поповиќ и Бобан Алексоски, музиката е на Лука Тошев, а дизајнот на рекламниот материјал е на Бојана Цилевска.

-Оваа претстава ја одликува големата храброст и ангажман да ги отворат современите болести на младите во време на социјална, политичка и општествена неизвесност. Автентичноста во режисерскиот и актерскиот израз зборува за застрашувачките последици од нарко зависноста, но и од тензичноста на едно време каде што семејните и социјални дисторзии се меѓу најголемите причини за исчекорувањето на младата популација од реалниот свет и нивното заминување во пеколот на наркоманијата..., вели во образложението за наградата, тричленото жири на фестивалот.

Во месец мај минатата година, претставата ја освои и наградата „Бранко Ѓорчев“ на истоимениот фестивал за дуодрама во Неготино, за актерите Бобан и Лео, за најдобра партнерска игра.

Ова ќе биде осма изведба на претставата и првпат после фестивалот МОТ. Од театарот информираат дека  изведби ќе има и понатаму во Скопје, низ државата но и надвор од границите. дма/са/

Фото: Стефан Самандов

Остани поврзан