• петок, 27 декември 2024

Претседателот на Собранието на 10. Пленарна сесија на ПСЈИЕ во Будва

Претседателот на Собранието на 10. Пленарна сесија на ПСЈИЕ во Будва

Скопје, 18 мај 2023 (МИА) - Претседателот на Собранието, Талат Џафери, денеска и утре, ќе учествува на 10. пленарна сесија на Парламентарното собрание на Процесот за соработка во Југоисточна Европа што ќе се одржи во Будва во организација на Црногорското претседавање со Процесот 2022-2023.

Како што соопшти собраниската прес-служба, Џафери во својство на шеф на Делегацијата во ПС на ПСЈИЕ, во чиј состав е и пратеникот Мартин Костовски, ќе има обраќање на јубилејната 10. сесија на оваа иницијатива.

Оваа година се одбележуваат 10 години од постоењето на ПС на ПСЈИЕ што е и главна тема на настанот: „Десет години ПС на ПСЈИЕ. Подобра интеграција и поизвесна ЕУ перспектива на регионот на ПСЈИЕ во наредната деценија. Заедно во ПСЈИЕ - Заедно во ЕУ“. 

Пред одржувањето на пленарната сесија, седници ќе одржат трите генерални комисии - за економија, инфраструктура и енергија, за правда, внатрешни работи и безбедносна соработка, како и комисијата за социјален развој, образование, истражување и наука. Ќе се одржи и седница на Постојаниот комитет.

На пленарната сесија се очекува да биде усвоена завршна декларација.

Од своето инаугурирање во Букурешт во 2014 година, ПС на ПСЈИЕ се етаблира како суштински форум за размена на искуства, дијалог и соработка кој постави цврста основа за надминување на предизвиците кои продолжуваат да го оптоваруваат регионот. 

Собранието на Северна Македонија, од 1 јули годинава до 30 јуни 2024 година, ќе го преземе претседавањето со Парламентарното собрание на Процесот за соработка во Југоисточна Европа. вг/бак/

Остани поврзан