• среда, 20 ноември 2024

Почнува 17-то издание на МТФ СкупиФестивал

Почнува  17-то издание на МТФ СкупиФестивал

Скопје, 5 октомври 2023 (МИА) - Седумнаесеттото издание на МТФ СкупиФестивал почнува вечер во 20:00 часот во просториите на Албанскиот театар во Скопје, каде што ќе бидат одиграни сите претстави кои се дел од програмата, од 5 до 10 октомври.

Фестивалот кој годинава ќе се одржи под мотото „Блесок во театарот“, ќе ѝ овозможи на публиката да погледне претстави од: Косово, Турција, Франција, Босна и Херцеговина, Бугарија, како и перформансот што ќе се сработи преку работилница на тема Бура И продор со режисерката Теа Беговска во рамките на фестивалот.

- Годинава исто така публиката ќе има можност да погледне изложба на плакати од сите 17 изданија на МТФ Скупи Фестивал, која ќе биде отворена на првиот фестивалски ден. Селектираната програма започнува во четврток, 5-ти октомври во 20:00 часот каде ќе настапи ансамблот на театарот Ода од Приштина со претставата „Арбри“,чиј автор и режисер е Лирак Челај. Сценографијата е на Бурим Арифи, а во претставата играат актерите: Шкумбин Истрефи, Ќендреса Јашари, Лабинот Раци, Даниела Марку, Бленд Садику, известуваат од фестивалот.

„Под замокот“ на Вилијам Шекспир, ќе се одигра во петок. Адаптацијата е на Пинар Аккузу и Ѓулден Арсал Јавуз, а режијата на Гурај Динкол. Улогите ги играат Пинар Аккузу и Ѓулден Арсал Јавуз.

Во сабота ќе се одигра театарската претстава „Скршено на парчиња“, на театарот La Belle Meunière од Франција чии автори, режисери и улоги се на: Маргерит Бордат, Рафаел Котин, Пјер Меуниер.

Во недела публиката ќе го гледа перформансот „Бура и продор“ кој ќе биде производ од работилницата водена од режисерката Теа Беговска.

Во понеделник ќе игра претставата „Трамвајот наречен желба“ од авторот Тенеси Вилијамс од Сараевски Воен Театар, колективна режија и улоги: Дина Мушановиќ, Аљбан Укај, Игор Скварица, Матеа Маврак, Ноа Југо.

Во вторник е затворањето на фестивалот со претставата „Орфеј“ на Народен театар Иван Вазов, Софија. Драматург е Матиќ Старина, режисер Јернеи Лоренци, улогите ги играат Александра Василева, Гергана Змичарова, Билјана Петринска, Радена Валканова, Ева Данаилова, Василена Винченцо/Надја Керанова, Јорета Николова, Владимир Пенев, Валентин Ганев, Дејан Донков, Стелијан Радев, Ненчо Костов, Дарин Ангелов, Димитар Николов.

Фестивалот има натпреварувачки карактер и ја доделува наградата за најдобра претстава, а годинава за наградата ќе одлучи тричленото жири: Теја Шугарева режисерка од Бугарија, Вјољца Бектеши Хамити актерка од Скопје и Благица Секуловска драматург од Скопје.

МТФ Скупифестивал годинава е поддржан од Министерството за Култура, Бугарскиот Културен Центар Скопје, Францускиот Институт, Македонскиот Телеком, Премиум Резиденц, Весникот Коха и Албанскиот театар – Скопје.

Директор на фестивалот: Музбајдин Ќамили – Мучи, претседателот на уметничкиот совет: Сенко Велинов, уметничкиот директор: Осман Ахмети, координатор: Џанер Мусиќ, како и Теа Беговска одговорна за работата на ФНТ Скупифестивал. ир/са/

 

Фото: МТФ СкупиФестивал 

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан