• четврток, 26 декември 2024

Почнува еколошката акција „Генералка викенд“

Почнува еколошката акција „Генералка викенд“

Скопје, 12 мај 2023 (МИА) - Од денеска до 14 мај во 53 општини и 450 училишта низ државава ќе се одржува еколошката акција „Генералка викенд“. 

Во акцијата ќе бидат вклучени повеќе од 16 000 волонтери, а ќе се собира отпадот од локациите мапирани од секоја општина посебно.

За собраниот отпад во текот на акцијата ќе се погрижат локалните комунални претпријатија, Пакомак и Нула Отпад со соодветна селекција и рециклирање, а на сите локации ќе има и тимови од Црвен Крст кои ќе се погрижат за безбедноста на волонтерите.

Во реализација на годинашниот трет „Генералка викенд“ се вклучени Мен Енд Маунтен, Пивара Скопје и Пакомак. Поддршка обезбедија Шпаркасе Банка, Нула Отпад, Министерството за животна средина и просторно планирање и Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.  

-Да покажеме совесност и одговорност за своето однесување кон природата и да се вклучиме во „Генералка викенд“, акција која ја покажува моќта на заедништвото и ни дава можност отпадот да го претвориме во наша зелена иднина, порача  министерката за животна средина и просторно планирање Каја Шукова.

Според министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски, еден од првите пет приоритети е Зелената транзиција.

-За секои 10 килограми собран отпад садиме по едно дрво и создаваме нов живот со разновиден растителен и животински свет, вели Николовски.

Волонтерите од Пивара Скопје, заедно со останатите партнери и заинтересирани граѓани, денеска ќе го собираат отпадот на локација во атарот на селото Јажинце под општина Јегуновце, во подножјето на Шар Планина. мч/са/

 

Остани поврзан