• среда, 25 декември 2024

Панел за италијанско-македонската соработка во образованието

Панел за италијанско-македонската соработка во образованието

Скопје, 12 јуни 2024 (МИА) - Панел за италијанско-македонските дипломатски односи и за соработката меѓу двете земји во областа на образованието ќе се одржи денеска во Европска куќа во Скопје.

На панелот ќе се обратат амбасадорот на Италија, Андреа Силвестри, проректорката на Универзитетот Американ колеџ-Скопје проф. д-р Венера Крлиу, деканот на Факултетот за политички и општествени науки при Универзитетот Католика од Милано, проф. д-р Гвидо Мерѕони, и деканот на Факултетот за политички науки при Универзитетот Американ колеџ-Скопје проф. д-р Иван Додовски.

-Во рамките на одбележувањето на 30-годишнината од дипломатските односи меѓу Италија и Македонија, панелот има цел да ги истакне врските и размената во областа на обрзованието и да ја афирмира соработката меѓу Универзитетот Американ колеџ Скопје и Католичкиот универзитет на Светото срце од Милано, популарно познат како Универзитет Католика. Двата универзитета неодамна потпишаа договор за двојна диплома за додипломски студии по политички науки и меѓународна комуникација. Со договорот се овозможува македонските студенти што завршиле две години од нивните студии во Скопје, да ја завршат третата година во Милано и да се стекнат со дипломи од двата универзитета, соопшти Универзитетот Американ колеџ Скопје. 

Покрај политолошки содржини, програмата нуди интердисциплинарен пристап до знаења и вештини од економија и бизнис, дипломатија, историја, социјална психологија и светски јазици, профилирајќи идни професионалци за државни и меѓународни институции, тинк-тенк организации, медиуми и други установи во областа на домашната и глобалната политика.

Универзитетот Католика е основан во 1921 година, има 12 факултети, пет кампуси и соработка со значајни универзитети во светот. Тој е најголемиот приватен универзитет во Европа и најголемиот католички универзитет во светот.

-Факултетот за политички и општествени науки при Универзитетот Католика со кој се потиша договор за двојна диплома е високорангиран меѓу најдобрите 200 во светот. Оваа иницијатива ќе овозможи не само унапредување на квалитетот на македонското образование и нови можности за студирање, туку и продлабочување на врските меѓу двете земји, соопшти Американ колеџ-Скопје. хс/са/

Фото: Американ колеџ-Скопје 

Остани поврзан