• четврток, 19 декември 2024

Оперска претстава „Турандот“ во НОБ, во рамките на „Месец на Пучини“

Оперска претстава „Турандот“ во НОБ, во рамките на „Месец на Пучини“

Скопје, 29 ноември 2024 (МИА) - „Месецот на Пучини“ во Националната опера и балет ќе се затвори вечер со операта „Турандот“ од Џакомо Пучини, под диригентската палка на Роберто Џанола од Италија.

Режијата, сценографијата и костимографијата се на Џанкарло дел Монако, додека под кореографијата се потпишува Саша Евтимова. Концерт мајстор е Климент Тодороски, а хор-мајстор Ѓургица Дашиќ и Јасмина Ѓорѓеска.

Настапувa солистичка екипа - Хан Јинг Цо (Кина / Италија), Џејмс Ли (Јужна Кореја), Биљана Јосифов, Игор Дурловски, Драган Ампов, Јане Дунимаглоски, Дејан Стоев, Диме Петров, Марјан Николовски, хорот, оркестарот и балетскиот ансамбл на Националната опера и балет.

„Турандот“ е опера во три чина од Џакомо Пучини. Напишана е по либретото на Џузепе Адами и Ренато Симони, а базирана на адаптацијата на Фридрих Шилер на драмата „Турандот“ од Карло Гоци. Пучини умира недовршувајќи ја операта, која што подоцна е завршена од Франко Алфано. Одликувајќи се со „невообичаен“ музички материјал, во кој предничи иновативната употреба на хорот и оркестарот, стилот на Пучини во ова оперско дело е особено препознатлив во широките, експресивни мелодии. „Турандот“ изобилува со моменти на восхитувачка мелодиска убавина, која особено доаѓа до израз во незаборавната тенорска арија, една од најубавите во оперската литература, „Никој не спие“(Nessun dorma).бт/ев/

Фото: Национална опера и балет

 

Остани поврзан