• четврток, 26 декември 2024

Националната опера и балет со „Боеми“ ја отвора стогодишнината од смртта на композиторот Џакомо Пучини

Националната опера и балет со „Боеми“ ја отвора стогодишнината од смртта на композиторот Џакомо Пучини

Скопје, 8 ноември 2024 (МИА) – Со изведба на ремек-делото „Боеми“ од Џакомо Пучини, вечерва од 20 часот, во Националната опера и балет започнува одбележувањето на 100-годишнината од смртта на Џакомо Пучини. Изведбата е дел од проектот „Месец на Пучини“ во кој ќе бидат изведени и други негови дела.

Приказната за животот на љубовниците Родолфо и Мими ќе се изведе под диригентската палка на гостинот од Италија, Маурицио Коласанти, во режија на Дејан Прошев.

Претставата е доловена преку масивната сценографија на Зоран Николовски и колоритната костимографија на Марија Пупучевска, концерт-мајстор е Верица Ламбевска, хор-мајстор Јасмина Ѓорѓеска и Ѓурѓица Дашиќ.

Настапуваат: Доменико Менини (Италија), Анстасија Дорошенко (Германија), Горан Начевски, Драган Ампов, Владимир Саздовски , Катерина Стојановска, Невен Силјановски Борко Биџовски, Јане Дунимаглоски, Александар Никодиновски, Тихомир Јакимовски, Ема Гиновска , во придружба на хорот и оркестарот на Национална опера и балет.

„Боеми“ од Џакомо Пучини e опера во четири чина, дејството се одвива во Париз, либрето се базира на „Сцени од животот на боемите”од Хенри Мургер. Публиката за миг ќе биде пренесена во париските поткровја каде неколку млади уметници и покрај сиромаштија и борејќи се за основните потреби на секојдневието (храна, огрев) живеат крепејќи се од идеалите и љубовта, без скршена пара во џебот претендираат да живеат боемски.

Покрај „Боеми“, месецов ќе бидат изведени и „Мадам Батерфлај“ (16.11.2024) – Трагична љубовна приказна за јапонската гејша и американскиот офицер, „Тоска“ (23.11.2024) – Опера за љубовта, предавството и жртвата во револуционерниот Рим и „Турандот“ (29.11.2024) – Приказна за суровата кинеска принцеза и принцот кој се обидува да ја освои. ар/нд/

Фото: Национална опера и балет

Остани поврзан