• недела, 24 ноември 2024

„Мултиверзум“ - изложба на Симон Шемов во Даут-пашин амам

„Мултиверзум“ - изложба на Симон Шемов во Даут-пашин амам

Скопје, 27 септември 2023 (МИА) -  Во Даут-пашиниот амам вечер ќе биде отворена самостојната изложба „Мултиверзум“ на академскиот уметник Симон Шемов.

-Изложбата се занимава главно со аспекти на космологијата и космогонијата, т. е. со проблемите на појавата и егзистирањето на космосот и универзумот, а секако, преку оваа општа феноменолошка семантика, и со посебната хуманистичка егзистенцијална природа на човекот, трагање кон посебното од општото или обратно, преку субјективното и сингуларното кон безграничното, посочуваат организаторите.

Според куратор на проектот Ана Франговска во изложените дела се издвојуваат четири феноменолошки аспекти кои се аналогни на неговите повторливи интереси низ хронологиската матрица и се провлекуваат како дискурсни нишки низ неговиот целокупен уметнички опус (од почетоците, во средината на 60-тите на минатиот век до денес).

-Станува збор за природната индоктринација со пантеизмот, сосема логично на него се надоврзува преокупираноста со прашањата за постанокот и егзистенцијата на универзумот, та оттука космологијата/космогонијата како клучни одредници ad acta, потоа аспектите на поврзаноста на уметноста и природата на игрите (т. е. вечната потреба за истражување, експериментирање и анимирање и на себе и на публиката – со одреден партиципативен директен или индиректен инпут) и семиотиката, т. е. неговата преокупација со истражување и трансформирање на симболи и архетипови, посочува кураторот Франговска.

На отворањето на изложбата ќе говорат директорката на Националната галерија, Дита Старова Ќерими, академик Влада Урошевиќ, лауреат на „Струшките вечери на поезијата“ за 2023 година и историчарката на уметност Ана Франговска, куратор на проектот.

Поставката ќе биде достапна за публиката во текот на наредните 60 дена, до 27 ноември во Даут-пашиниот амам. дма/са/

Фото: Национална галерија

 

Остани поврзан