Меѓународен научен собир „Втори романистичко-балканистички средби“
- Катедрата за романски јазици и книжевности и Катедрата за македонски јазик при Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ – Скопје денеска и утре организираат Меѓународниот научен собир „Втори романистичко-балканистички средби (во чест на 100-годишнината од раѓањето на Божидар Настев)“.
Скопје, 12 декември 2024 (МИА) - Катедрата за романски јазици и книжевности и Катедрата за македонски јазик при Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ – Скопје денеска и утре организираат Меѓународниот научен собир „Втори романистичко-балканистички средби (во чест на 100-годишнината од раѓањето на Божидар Настев)“.
Филолошкиот факултет соопшти дека на научниот собир излагања ќе имаат над 60 научници и истражувачи од универзитети и од научни институции од земјава и од странство кои ќе разменат мислења за теми од областа на лингвистиката, дидактиката, преведувањето и книжевноста од еднојазична или од повеќејазична компаративна или контрастивна перспектива.
Собирот е во чест на Божидар Настев (1924-1980), кој беше професор по француска книжевност, декан и продекан на Филолошкиот факултет и долгогодишен раководител на Катедрата за романски јазици и книжевности.
-Вршејќи ги тие одговорни функции, тој даде суштински придонес во унапредувањето на Факултетот, а особено во растот и развојот на Катедрата за романски јазици и книжевности, поттикнувајќи го воведувањето на италијанскиот, романскиот и шпанскиот јазик. Божидар Настев беше и брилијантен преведувач на капитални дела од француската книжевност на македонски јазик, но и теоретичар на преводот. И покрај посветеноста на книжевноста (пред сè француската и македонската) како главна професионална ориентација, Божидар Настев истражува и лингвистички теми со романистички и со балканистички карактер поврзани со францускиот и со македонскиот, но и со италијанскиот и со ароманскиот, кој го проучува во контекст на неговите контакти со македонскиот јазик и кој зазема посебно место во неговиот научен опус, наведува Филолошкиот факултет на УКИМ.
Настанот се реализира со финансиска поддршка од Амбасадата на Шпанија во Скопје. хс/нд
Фото: Деканат на Филолошки факултет „Блаже Конески“