• четврток, 24 април 2025
Македонски
  • English
  • Shqip
  • Македонски

„Мапирање на спокојот“ - изложба на акварели од Јана Андреевска

„Мапирање на спокојот“ - изложба на акварели од Јана Андреевска

Скопје, 9 април 2025 (МИА) - „Мапирање на спокојот“ е насловена изложбата на акварели на композиторката Јана Андреевска, која вечер од 20 часот ќе биде отворена во Културно-информативниот центар-Скопје. 

Како што информира КИЦ, уметничка имагинација на Андреевска не е ограничена само на музиката туку во последните години сликањето за авторката прераснало „во интимен и автентичен творечки простор“ од што резултирала и оваа изложба. 

Андреевска истакнува дека подолго време поттикот за изложба го добивала од многумина што ја следат на Фејсбук и оти сфатила дека обемот на тоа што го сработила, разновидноста од тематики и формати, како што вели, „овозможува и со еден многу строг избор да може да изложи еден задоволителен квантум“.

Според неа, создавањето музика е процес што минува низ повеќе етапи и се остварува низ различни форми на соработка, за разлика од сликањето кое го доживува како „индивидуална и многу поинтимна уметничка активност, ослободена од потребата за посредници и туѓо учество“.

- Но, за мене и двете, музиката и сликарството, бараат висок степен на концентрација, потреба од јасност на намерите и соодветно избрани средства и, воопшто, една посебна духовна состојба, внесеност при која времето тече со друга брзина, внесеност без која создаденото не би имало магија, посочува авторката.

Јана Андреевска (1967, Скопје) e композитор и професор на Факултетот за музичка уметност при УКИМ. Интерес за сликањето пројавила уште на рана возраст, но се определила за музиката која и станала професија, а со акварел почнала поактивно да се занимава за време на Ковид- пандемијата. хс/бак/ 

Фото: КИЦ-Скопје 

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан