• среда, 25 декември 2024

Концерт на хрватскиот пијанист Звјездан Ружиќ на отворањето на „Скопско лето“

Концерт на хрватскиот пијанист Звјездан Ружиќ на отворањето на „Скопско лето“

Скопје, 21 јуни 2024 (МИА) - Со концерт на хрватскиот пијанист и композитор Звјездан Ружиќ во Куршумли ан, вечерва ќе биде отворено јубилејното 45. издание на фестивалот „Скопско лето“. Звјездан во Скопје ќе настапи со проектот „Пијанотрон“ кој е комбинација од пијано, мелотрон и педали на кои свири со нозете.

Звјездан има соработувано со „2Cellos“, „Harlem Gospel Choir“, Јосипа Лисац, Масимо Савиќ, Нели Андреева, Лука Паљетка.

- Накратко - Звјездан е човек - оркестар! Иако Звјездан е академски џез пијанист, тој го опишува „Пианотрон“ како филмска музика, украсена со влијанија од џезот, класичната, поп, рок и етно музиката. Со неговата музика, Звјездан има настапувано низ целиот свет, од Америка, низ Европа, одржа две големи турнеи во Кина, а со „2Cellos“ одржа голема турнеја во Јапонија, Австралија и Нов Зеланд, велат организаторите.

Авторските албуми на Ружиќ беа наградени со пет престижни награди за дискографија „Порин“, познато како хрватско Греми, а Хрватскиот музички сојуз шест пати му ја додели наградата „Статус“ за најдобар џез пијанист во Хрватска.

- Звјездан е официјален уметник за „Yamaha Pianos“ за целиот свет, а во Скопје пристигнува директно од Лондон, каде што моментално живее и ја гради својата меѓународна кариера. На неговиот роденден, на Светскиот ден на музиката, Звјездан Ружиќ и неговиот пијанотрон ќе ја почестат публиката во Скопје со вечер за паметење, се вели во најавата за концертот. бт/бак/

Фото: Скопско лето

Остани поврзан