• среда, 18 декември 2024

Концерт на пијанистот Владимир Домазетовиќ од Црна Гора на ФМУ

Концерт на пијанистот Владимир Домазетовиќ од Црна Гора на ФМУ

Скопје, 16 ноември 2023 (МИА) - На Факултетот за музичка уметност вечерва концерт ќе одржи пијанистот Владимир Домазетовиќ од Црна Гора. Домазетовиќ ќе изведе дела на Шуман, Рахманинов и Шопен.

Основното музичко образование, Домазетовиќ го стекнал во Бар, а потоа се запишал во класата на професорот Слава Габријелов, со кого, според неговите зборови, стекнал значително искуство во интерпретацијата на пијано. Се запишал на Музичката академија во Титоград како најмлад студент во тоа време на Универзитетот во Црна Гора.

- Студирал и магистрирал на музичката академија во Цетиње во класата на професорот В. Бочкарјов, а специјалистичките студии ги завршил во Париз на Високата школа Alfred Cortot во класата на професорот Маријан Рибички каде се стекнал со диплома на пијанист – изведувач. Тој е лауреат на републички и сојузни натпревари на поранешна Југославија. На шеснаесет години е победник на Првиот меѓународен натпревар по пијано во Нови Сад и со тоа влезе во кругот на најуспешните млади пијанисти на поранешна СФРЈ, соопштуваат од ФМУ.

Оттаму, посочуваат дека неговите настапи се проследени со исклучителна музичка критика. Има настапувано со еминентни оркестри како што се Симфонискиот оркестар РТВЦГ, Белградската филхармонија, оркестарот Virtuosi di Praga и италијанскиот Mitteleuropa оркестар. Покрај самостојните настапи, има изведено серија концерти интерпретирајќи камерна музика како член на пијано трио со В.Кленковски (кларинет) и К.Станковиќ (виолончело). Посетувал семинари на познати педагози по пијано како Константин Богино, Жан Фасина, Жак Рувие и Владимир Виардо. 

За неговите достигнувања на полето на уметноста добива високи општествени награди кои му ги врачија Центарот за современа уметност Подгорица, Општинското собрание на Бар и Црногорската академија на науките и уметностите. Домазетовиќ е вонреден професор на Музичката академија во Цетиње. ир/бак/

 

Фото: ФМУ

Остани поврзан