• сабота, 23 ноември 2024

Конститутивен состанок на неформалната Меѓупартиска парламентарна група против корупција

Конститутивен состанок на неформалната Меѓупартиска парламентарна група против корупција

Скопје, 20 октомври 2024 (МИА) - Во Собранието денеска ќе се одржи конститутивен состанок на неформалната Меѓупартиска парламентарна група против корупција. 

Преку иницијатива на пратеници во Собранието од парламентарниот состав 2024-2028 година Љупчо Пренџов, Соња Мираковска, Арбана Пашоли, на која се приклучија и координаторите на пратеничките групи, со поддршка од Националниот демократски институт (НДИ), е основана Меѓупартиска парламентарна група против корупција.

Иницијативата за основање и промовирање на оваа група беше доставена до претседателот на Собранието на Република Северна Македонија, Африм Гаши, на 5 јули 2024 година. Досега, педесет и еден пратеник од постоечкиот собраниски состав, од различни политички партии, кои имаат особен интерес за антикорупцски прашања и политики за справување и решавање на појавите и практиките на корупција во државата, ја изразија својата волја за приклучување кон оваа иницијатива, при што ги депонираа своите потписи во Собранието.

Целта и делокругот на работа на оваа меѓупартиска парламентарна група ќе биде во насока на унапредување и зајакнување на улогата на Собранието во борбата против корупцијата, расправање во однос на законските решенија во области каде постои ризик или појава на корупција, следење на ефикасноста на институциите задолжени за борбата против корупцијата, како и подигнување на општата и стручна јавна свест за преземените активности на законодавната власт во оваа област. 

Неформална Меѓупартиска парламентарна група против корупција имаше и во минатиот собраниски состав. ев/са/

ФОТО: МИА Архива 

Остани поврзан