• среда, 13 ноември 2024

Италијанските стрип автори Рекиони и Акарди гости на вториот „Стрип трип“

Италијанските стрип автори Рекиони и Акарди гости на вториот „Стрип трип“

Скопје, 8 јуни 2024 (МИА) – Во кино „Фросина“ во МКЦ денеска ќе биде отворен дводневниот втор фестивал „Стрип трип“ на кој земја во фокусот годинава е Италија.

Со поддршка на Амбасадата на Италија во Скопје, ќе гостуваат двајца познати стрип автори - Роберто Рекиони и Андреа Акарди кои ќе учествуваат на трибина на која ќе биде промовирана книга со првите две епизоди од македонскиот превод на стрип-серијалот „Чанбара“ што за нашата публика ги објавува стрип-издавачот „Бункер“.

Сценаристот Рекиони и цртачот Акарди заедно работат на серијалот „Чанбара“ - термин од јапонската култура за кодекс на самураите во 17 век. „Бункер“ ги откупил правата од италијанскиот издавач за превод на целиот серијал, а во оваа пригода во една книга ќе бидат промовирани првите две епизоди. Во план е во иднина да биде покриен целиот серијал со девет епизоди.

Рекиони  е познат по работата на многу стрип-серијали во Италија, од кои кај нас најпознат е  Дилан Дог за кој  потпишал неколку познати епизоди. Десет години бил и главен уредник на италијанскиот гигантски издавач на стрипови „Серџо Бонели“.  

Стрип цртачот Андреа Акарди, пак, работи на повеќе серијали и е познат по вестерн стрипот „Текс Вилер“ - најдолговечниот и најпопуларен стрип во Италија кој излегува од 1949 година.

Пред трибината и промоцијата на „Чанбара“, во рамки на „Стрип трип“ ќе бидат презентирани дела од македонски стрип автори и ќе бидат доделени награди.

Наградата „Македонско стрип наследство“ ќе му биде врачена на  дојаенот на македонскиот стрип Миле Топуз, а ќе биде доделена и награда „Македонска стрип иднина“ од конкурсот „Самураи во твојот град“ на кој пристигнале над 60 дела од млади автори од десет градови. 

За оваа награда ќе одлучува тричлено жири, во состав: Корнелија Коневска од галерија „Остен“, италијанскиот амбасадор Андреа Силвестри. и Здравко Гиров од Здружението МакСтрипови.

На изложбите кои се отворени на фестивалот  ќе има и комбинирање на стрип со театар односно сценски подготвени ликови на Дилан Дог и самураи кои се главните теми на второто издание на „Стрип трип“.

Фестивалот утре ќе продолжи со промоции на дела од македонски стрип автори – Владимир Богојевиќ, Гаја Смилевска, Дамјан Михаилов, промоција на „Стрип квадрат“, поткаст „Дебели Гикови“ и ќе заврши со две трибини. На хартија ќе бидат објавени и дела создадени од одржаната Стрип школа за средношколци, а напладне на платото пред МКЦ ќе има и работилница за млади стрип таленти. 

За второто издание на фестивалот „Стрип трип“ е подготвен постер на авторот Гоце Илиевски. „Стрип трип“ првпат се одржа минатата година кога земја во фокусот беше Србија. хс/ев/

Фото: МИА архива 

 

 

 

Остани поврзан