• четврток, 26 декември 2024

Изложба „Мириса на пандишпан“ - сефардската кујна на Евреите од Македонија

Изложба „Мириса на пандишпан“ - сефардската кујна на Евреите од Македонија

Скопје, 16 октомври 2024 (МИА) - Во Меморијалниот центар на холокаустот на Евреите од Македонија, вечер ќе биде отворена изложбата „Мириса на пандишпан“ – сефардската кујна на Евреите од Македонија од населувањето до денес, со која се презентира и популаризира дел од културното наследство на Евреите.

Прикажувањето на традиционалната исхрана на Евреите Сефарди со нејзините особености преку фотографии, предмети, разни видови храна, рецепти, прибор за јадење и готвење и др., на изложбата ѝ даваат повеќеслојност како верски, народен, духовен, културен, општествен феномен, кој опстојува неколку милениуми на овие простори.

Преку структурата на празнична подготвока на храната посетителите ќе имаат можност да ги следат спецификите на сефардската кујна и животниот циклус што го градат етничкиот идентитет на овој народ. Со тоа ќе го запознаат и овој дел од културата на еврејскиот народ во Македонија. Посетителите ќе го осознаат потеклото на терминот „пандишпан“ кој има корен во сефардските јазични корени „пан ди Спања“ или лебот од Шпанија. Еврејската култура, обичаите, кои ја отсликуваат традицијата се своевидни чувари на традицијата и идентитетот на Евреите од овие простори.

Оваа изложба покажува што јаделе Евреите во минатото, што јадат во денешно време и зошто. Фокусирајќи се на карактеристичните јадења, начинот на кој се подготвуваат, нивното потекло и значење, фрла светлина и врз еврејската религиозна практика, историја и култура преку традиционалните јадења и рецепти кои се послужуваат за време на дел од еврејските празници.

Автор на изложбата е м-р Жаклина Мучева.

Изложбата ќе трае до 25 декември годинава. дма/са/

Фото: Плакат

Остани поврзан