• сабота, 23 ноември 2024

Избор на најдобар ментор во рамките на Европската недела на претприемништво - Mentor Awards 2023

Избор на најдобар ментор во рамките на Европската недела на претприемништво - Mentor Awards 2023

Скопје, 21 ноември 2024 (МИА) - Агенцијата за поддршка на претприемништвото во рамките на одбележувањето на Европската недела на претприемништво, денеска организира Избор на најдобар ментор за 2023 година - Mentor Awards 2023, којшто има за цел да го препознае и награди најдобриот ментор.

Како што наведуваат организаторите, настанот е организиран како дел од програмата на Агенцијата и има за цел да го препознае и награди придонесот на менторите кои со своето искуство и поддршка ги инспирираат младите претприемачи и играат важна улога во нивниот развој и успех. Стандардизираните менторски услуги се дел од програмската активност на Агенцијата со поддршка од Јапонската Агенција за меѓународна соработка (JICA).

Во текот на Европската недела на претприемништво, Агенцијата досега реализирала низа активности за поттикнување на претприемачкиот дух. Во рамки на програмата, директорката на агенцијата, Даниела Димовска и заменик-министерот за економија Марјан Ристески во понеделникот го посетија СУГС „Лазар Танев“, при што имаа продуктивна средба со директорот на училиштето Небојша Вуковиќ. Било разговарано за идните можности за развој и подобрување на образовниот процес во угостителството, како и за поддршка на младите професионалци во оваа важна област. Учениците имале и можност да се запознаат со програмите и обуките што Агенцијата за поддршка на претприемништвото ги нуди за развој на претприемнички вештини, како и да добијат информации за новите обуки кои ќе се реализираат во следниот период.

Во текот на истиот ден, претставници на АППРМ го посетиле и СУГС „Арсени Јовков“, каде се запознале со идните правници и економисти во нашата држава. Посетата вклучувала и интерактивни сесии со учениците, при што споделиле свои идеи за уникатни и креативни бизниси. 

Денеска се предвидени и активности со организациите од невладиниот сектор, кои работат на полето на унапредување на претприемништвото и развојот на малите и средните претпријатија. Како дел од одбележувањето на Европската недела на претприемништво, претставници од Агенцијата денеска ќе ги посетат и фирмите „Винарија Чифлик“ од Битола и „СВАРОГ“ од Прилеп, компании кои се и корисници на мерката менторство што ја спроведува Агенцијата со цел да ја истакнат важноста на поддршката за мали и средни претпријатија и да ги охрабрат во нивниот понатамошен развој.

Покрај тоа, претставниците на Агенцијата за поддршка на претприемништвото ќе остварат средба со Миле Бошков, претседател на Бизнис конфедерација на Северна Македонија, со цел да биде договорена идна соработка. нд/са/

Фото: АППРМ

Остани поврзан