„ЗОРА – Нејзината заборавена шума“ - изложба на Драгослава Ѓуриќ
- Во КСП – Центар Јадро вечер ќе биде отворена изложбата „ЗОРА – Нејзината заборавена шума“ на уметницата Драгослава Ѓуриќ, во организација на Македонското еколошко друштво (МЕД).
Скопје, 5 февруари 2026 (МИА) - Во КСП – Центар Јадро вечер ќе биде отворена изложбата „ЗОРА – Нејзината заборавена шума“ на уметницата Драгослава Ѓуриќ, во организација на Македонското еколошко друштво (МЕД).
Уметничките слики, коишто во Скопје ќе бидат за првпат изложени до 12 февруари, ќе може да се купат, а дел од средствата ќе бидат наменети за поддршка на натамошната работа за закрепнување на балканскиот рис.
Инспирирана од теренските искуства и заложбите на Програмата за зачувување на балканскиот рис, изложбата донесува серија уметнички слики преку кои посетителите можат да влезат во балканската шума и да се запознаат со светот на младата балканска рисица Зора. Покрај сликите, изложбата ќе вклучува и избрани теренски фотографии и материјали направени од тимот на Програмата за закрепнување на балканскиот рис, преку која Македонското еколошко друштво веќе 20 години работи на зачувувањето на оваа кревка популација.
Драгослава Ѓуриќ е визуелна уметница која се занимава главно со маслено сликарство, а инспирацијата ја црпи од дивиот свет, шумите, мочуриштата и меѓусебно поврзаните животи кои ги одржуваат природните екосистеми. Нејзината работа ги истражува начините на кои може емоционално да се поврземе со животните кои најчесто ги сретнуваме оддалеку, низ бројки или како апстракции. Овие фотографии доловуваат какви се опкружувањата во кои живее балканскиот рис и како изгледа работата на терен којашто придонесува за неговиот опстанок во овие краишта. Бесплатна е и отворена за сите возрасти. фф/са/
Фото: МЕД