• среда, 25 декември 2024

Изложба на скулптури од Синиша Новески во КИЦ

Изложба на скулптури од Синиша Новески во КИЦ

Скопје, 2 март 2023 (МИА) - Во салонот Империјал 1 на Културниот информативен центар вечерва со почеток во 19 часот ќе биде отворена изложбата на скулптури од Синиша Новески со наслов „Фамилија“.

Од КИЦ информираат дека авторот во разни тематски и стилски варијанти го негува фамилијарниот култ на човекот низ сензибилната претстава на телото и поттиците на внатрешниот живот.

- Новески е интимист, стилски определен за традицијата и за модернизмот. Преокупиран со хармонијата на компактниот волумен, како  и со предизвиците на времето што значи притаен немир на животното пулсирање, а едновремено и со создавање уметничка проекција на една контемплативна голема благост во изразот. Таквиот несекојдневен амалгам на внатрешни импулси е реализиран во цврста форма со уверување дека убавината на традицијата е неисцрпна како и експериментите во доменот на модернизмот (примери од творештвото на Хенри Мур, Коста Ангели Радовани, Франо Кршиниќ, Иван Мештровиќ), се вели во најавата на КИЦ.

Синиша Новески, роден на 6. септември 1978 година, е академски скулптор и искусен педагог. Има повеќе од 20 скулптури изложени во јавни простори во Македонија, Србија, Бугарија и САД. Излагал на 20 самостојни и повеќе од 30 групни изложби. Член е на Друштвото на ликовни уметници на Македонија како и на Друштвото на ликовни уметници од Македонија во Србија, во кое бил член на Управниот одбор од 2014 до 2022 г. Има учествувано во повеќе од десет ликовни колонии и симпозиуми и освоил исто толку награди како за сопствено уметничко творештво, така и за менторско-педагошко работење со студенти. сх/сп/

ФОТО: КИЦ

Остани поврзан