• среда, 25 декември 2024

Едукативни работилници за сите љубители на виното на Винодонија 2024

Едукативни работилници за сите љубители на виното на Винодонија 2024

Скопје, 13 декември 2024 (МИА) - Винскиот салон „Винодонија 2024“, кој ќе се одржи денеска и утре во Скопје, и оваа година нуди извонредна можност за сите љубители на виното да учествуваат во едукативни активности што ќе го збогатат нивното знаење и љубов кон виното.

Програмата вклучува седум ексклузивни мастер класи и работилници, водени од реномирани домашни и светски експерти, кои на посетителите ќе им понудат уникатно винско доживување.

Посетителите, денеска, на првиот ден од манифестацијата, како што најавуваат организаторите, ќе имаат можност да се запознаат со магичниот свет на пенливите вина преку работилницата „Во светот на меурчињата“. Оваа традиционална едукативна сесија, водена од сомелиерот Александар Вучковски, ќе ги води учесниците низ историјата, производството и разновидноста на пенливите вина, со дегустација на неколку одлични примероци.

Истиот ден, љубителите на ризлинг ќе имаат шанса да учествуваат на мастер класот „Ризлинг - сорта за префинети и долговечни вина“. Оваа работилница, водена од проф. д-р Климе Белески и сомелиерот Александар Вучковски, нуди можност да се истражи оваа благородна сорта и нејзините карактеристики преку дегустација на шест различни примероци од различни региони. Посебно внимание привлекува и ексклузивната дегустација „Во долината на винската среќа – Дегустација на вина од северна Рона, Франција“. Преку оваа работилница, сомелиерот Александар Миливојевиќ ќе ги запознае учесниците со винските бисери на северна Рона, еден од водечките вински региони во Франција. Ќе се дегустираат врвни вина на познатата винарија Paul Jaboulet Aîné, кои ќе ги одведат посетителите на незаборавно патување низ прекрасните ридови и лозја на Рона.

Програмата утре продолжува со уникатното бесплатно едукативно предавање „Вино и срце“, каде д-р Емилија Лазарова од Универзитетската клиника за кардиологија ќе зборува за врската меѓу умереното консумирање на виното и здравјето на кардиоваскуларниот систем.

Истиот ден, љубителите на интернационалните вински култури ќе имаат можност да ја истражат винската традиција на Унгарија преку работилницата „Запознај ја винска Унгарија“. Под водство на винскиот едукатор Јожеф Кризманич, учесниците ќе се запознаат со унгарските вински региони, сорти и историја, дополнети со дегустација на внимателно селектирани вина.

За љубителите на иновациите, се посочува, работилницата „Враќање во иднината – новоформирани вински сорти од Србија“ ќе биде вистински предизвик. Наталија Кењериќ, српски сомелиер, ќе ги претстави уникатните српски сорти како Сила, Неопланта и Пробус, преку дегустација на вина кои носат нова перспектива за регионалната винска иднина.

-Врв на саботната програма е ексклузивната „Голема вертикална дегустација на Merlot Single Vineyard на винарија Камник“. Сандра Георгиевска и Јане Неданоски ќе ги поведат учесниците на патување низ времето, со дегустација на различни берби од ова наградувано вино, отворајќи прозорец во архива на оваа македонска винска институција, посочуваат од Винодонија.

Винодонија 2024 нуди единствена можност за винските љубители да уживаат во едукативни и интерактивни сесии, кои не само што ќе го збогатат нивното знаење, туку и ќе го направат нивното винско искуство незаборавно.

Билетите за Скопски вински салон – Винодонија 2024 се во ограничен број, и може да се набават однапред ОНЛАЈН https://vinodonia.mk/shop/, а мал дел и на самиот влез пред почетокот на настанот. вг/са/

Фото: Постер Винодонија

Остани поврзан