• недела, 24 ноември 2024

„Добри вибрации – Музика и иновации“ во организација на шведската Амбасада

„Добри вибрации – Музика и иновации“ во организација на шведската Амбасада

Скопје, 20 мај 2023 (МИА) - Амбасадата на Шведска во земјава денеска со почеток од 18 часот организира настан на Школка во Градскиот парк насловен „Добри вибрации – Музика и иновации“.

Во фокус на настанот, како што соопштуваат од Амбасадата, ќе бидат шведската музика и иновациите. Светските музички хитови на шведски бендови, пејачи, но и продуценти и текстописци ќе ги пренесат Диџеј Васо и познатиот скопски бенд „Бендофф“.

Посетителите ќе имаат можност да ја проследат дигиталната изложба – „Шведски музички моменти“, а ќе биде поставена и изложба која во фокус ги става иновациите на шведските компании каде посетителите ќе имаат можност и да се запознаат со некои од шведските компании присутни во Северна Македонија.

На самиот почеток на настанот ќе се одржи куса дискусија со младите, на која на динамичен начин ќе бидат претставени неколку успешни македонски стартапи основани од млади луѓе со инвентивни и иновативни идеи, како и дел од екосистемот на поддршка за младите претприемачи.

Поводот за настанот е повеќекратен – годинава Шведска одбележува 500 години како независна држава, во исто време 30 години дипломатски односи со Република Северна Македонија, а е и тековен претседавач со Советот на Европската унија до крајот на јуни. Од неодамна Шведска ја впиша и 7та евровизиска победа, со што се додаде уште еден музички момент кој повикува на прослава, додаваат од шведската Амбасада.

Во духот на прославата на 500-годишнината, Амбасадата на Шведска за посетителите приготви 500 типични шведски слатки од цимет и кардамом, а во соработка со средното угостителско училиште „Лазар Танев“ ќе бидат послужени и 500 парчиња шведска летна торта од јагоди.

Настанот е во организација на Шведската амбасада, во партнерство со Шведскиот институт, со спонзорство од шведската компанија „Дијаверум“ и компанијата „Синпекс“ кој го застапува шведскиот бренд „Хускварна“, и во соработка со шведските компании Поларкејп и Орифлејм. нд/

 

 

Остани поврзан