• петок, 27 декември 2024

Деветнаесетто издание на „Бела ноќ“

Деветнаесетто издание на „Бела ноќ“

Скопје, 30 септември 2023 (МИА) - Изложби, перформанси, инсталации, концерти, театарски претстави и филмски проекции ќе се одржуваат вечер во главниот град во рамки на 19. традиционалната културна манифестација „Бела ноќ 2023“.

Централната манифестација ќе се одржи пред порта „Македонија“, во 20 часот. Скопјани ќе имаат можност да уживаат во композициите на маестро Кире Костов во изведба на Андријана Јаневска, Наде Талевска, Дани Димитровска и Ламбе Алабаковски, придружувани од Биг бенд оркестарот, под диригентската палка на Љупчо Мирковски, проследени со специјално визуелно шоу со 3Д-мапирање на портата. Ќе претходи рок-концерт на музичкото училиште „Ентерпрајз“.

Првото издание на „Октомвриски музички поход“ ќе биде кај „Школка“, во Градскиот парк, каде што ќе настапат: групата „Педро Хоризонте“, Стефан Петановски бенд, Занаду бенд, Димиш бенд и диџеите Раста Грл, Чарли и Јаска.

Во ГТЦ, пак, ќе може да се види изложбата „Игри и мечтаења“ на Друштвото на ликовните уметници, а на Факултетот за драмски уметности ќе може да се проследат повеќе театарски претстави, како и филмска и музичка програма. На плоштадот „Филип Втори“ повеќе културно-уметнички друштва ќе изведат  традиционални македонски ора.

Во Кинотеката на Македонија ќе може да се проследат македонски филмски и музички достигнувања, а во галеријата „Остен“ ќе биде поставена изложбата „Право на јавни простори“ од Факултетот за архитектура и дизајн на Универзитет „Американ колеџ“. Во Капан ан ќе биде прикажан проектот „Никеја“ со Славе Димитров и Весна Ѓиновска-Илкова, а во Домот на културата „Кочо Рацин“ ќе биде поставена изложбата „Култура во кутија“ на културното јадро „Доминиум“.

Во ноќниот клуб „Пјур“ (Pure) ќе биде одржан „Скопски моден фестивал“ (Skopje Fashion festival), на кој ќе се претстават модните дизајнери Ивана Кнез, Џорџе Башаревиќ, како и Бошко и Цеце Т.

Програмата ќе ја збогатат и културните институции: Културно-информативен центар – Скопје, Детски културен центар „Карпош“, Музеј на Град Скопје, Музеј на современата уметност, Библиотека „Браќа Миладиновци“, НУ Национална галерија, НУ Музеј на македонската борба и самостојност и НУ Турски театар.

Сите настани се од отворен карактер и се бесплатни за посетителите. И оваа година е обезбеден бесплатен јавен превоз за сите граѓани за време на одржувањето на „Бела ноќ 2023“. Бесплатниот превоз ќе може да се користи од вечер, од 18 часот, до 5 часот во недела (1 октомври 2023). 

Програмата на годинашното издание на „Бела ноќ“ е достапна на следниот линк:  www.univerzalna.com.mk/belanok.  мд/нд/

Фото: Министерство за култура 

Остани поврзан