• понеделник, 19 јануари 2026

Во Собранието јавна расправа по предлог-законот за изменување и дополнување на Кривичниот законик

Во Собранието јавна расправа по предлог-законот за изменување и дополнување на Кривичниот законик

Скопје, 16 јануари 2026 (МИА) - Собраниската Комисија за политички систем и односи меѓу заедниците на денешната 51. седница ќе одржи јавна расправа по предлог-законот за изменување и дополнување на Кривичниот законик.

Предлог-законот за изменување и дополнување на Кривичниот законик е поднесен од пратениците Бојан Стојаноски, Љупчо Пренџов, Тони Јаревски, Бране Петрушевски, Драгана Бојковска, Дафина Стојаноска, Игор Здравковски, Лидија Петкоска и Мартин Стојановски.

Како што се посочува во образложението објавено на собраниската веб-страница, целта на донесувањето на овој закон е усогласување на Кривичниот законик и отстранување на слабостите во постојните одредби и постапување во согласнст соо решението на Уставниот суд од 12 февруари 2025 година објавено во „Службен весник на Република Северна Македонија“ број 58/25. Tенденцијата на предложените законски измени и дополнувања, како што се наведува, е унапредување на одредбите за законските битија и заострување на казнената политика преку зголемување на постојните пропишани казни за кривичните дела злоупотреба на службената положба и овластувањето од член 353, злосторничко здружување од член 394.

- На овој начин би се отстраниле лоцираните слабости во постојните одредби на овие кривични дела, особено во заострувањето на казнената политика во насока на повторно остварување на нејзината превентивна и репресивна функција. Воедно, со овој пристап ќе се постапи во согласност со забелешките во извештајот на Европската комисија за 2023 година и повторно ќе се воспостави реална и добра правна рамка за зајакнување на борбата против високата корупција.

Се посочува дека при подготовката на овој предлог-закон за изменување и дополнување на Кривичниот законик е користена компаративна анализа подготвена во Собранието на Република Северна Македонија.

- Поаѓајќи од злоупотребите на приватноста и утврдените правни празнини во постојните одредби на Кривичниот законик при нивното спроведување во практиката, недвосмислено се наметна потребата за воведување ново кривично дело, односно инкриминирање на злоупотребата на туѓа снимка, фотографија, аудиозаписи или списи со сексуално експлицитна содржина. Со тоа предложеното кривично дело во законското битие како објект на заштита ја има приватноста, а елементот на дејство на извршување претставува сторителот на трето лице да му направи достапна видео или друга снимка, фотографија, аудиозапис или спис со сексуално експлицитна содржина, без согласност на лицето на кое тој спис се однесува, односно без согласност на лицето што е прикажано на снимката, фотографијата или чиј глас е снимен на аудиозаписот, се вели во предлог-законот за изменување и дополнување на Кривичниот законик.

Со предлог-законот за изменување и дополнување на Кривичниот законик е опфатена и одредбата за проширената конфискација, т.е. членот 98-а, во насока на проширување на опфатот на кривични дела за кои би можела таа да се примени. Со предложените одредби содржани во предлог-законот се врши и доусогласување со Истанбулската конвенција преку редефинирање на кривичното дело телесна повреда од член 130 на Кривичниот законик со отстранување на гонењето по предлог во случаи кога делото е сторено при вршење родово базирано насилство, насилство врз жена или семејно насилство или од омраза или спрема лице кое е посебно ранливо поради неговата возраст, тешките телесни или душевни пречки или бременост, со што овој облик на делото ќе се гони по службена должност во согласност со одредбите од Истанбулската конвенција.

- Поради лоцираните слабости во практиката, а со цел нивно надминување, се предлага и вградување два нови облика кај кривичното дело трговија со дете заради надминување на состојбите со питањето. Покрај овие предлог-измени и дополнувања, предлог-законот за изменување и дополнување на Кривичниот законик содржи и измени, кои се итни, а имаат карактер на техничко појаснување и подобрување на одредени одредби, и тоа кај куќниот затвор, условната осуда со заштитен надзор и проширената конфискација. Од наведеното јасно произлегува дека предлог-законот и во него содржаните законски решенија се неопходни како правни механизми за да се отстранат идни евентуални штетните последици од донесените законски измени на Кривичниот законик во септември 2023 година, а воедно и за исполнување на европските и меѓународните стандарди воопшто, се посочува во образложението.

Предлог-законот содржи и одредби за хармонизирање на кривичните дела против безбедноста во сообраќајот и одземањето предмети со пакетот предлог-закони поврзани со проектот „Безбеден град“. фф/са/

Фото: МИА архива

Остани поврзан