• среда, 25 декември 2024

Во Богданци почнува завршната сесија на графичката работилница „Софија“ 17

Во Богданци почнува завршната сесија на графичката работилница „Софија“ 17

Скопје, 20 август 2024 (МИА) - Во Богданци денеска почнува главната сесија на Графичката работилница „Софија“, која по 17-ти пат ги обединува најталентираните млади графичари од Македонија и регионот. Работилницата ќе трае до 27 август, кога ќе се одржи завршна изложба на студентите учесници, која ќе биде поставена во Домот на културата „Бранд Петрушев“. Организатор на настанот е Здружението на граѓани Графичка работилница „Софија“ Богданци.

- Оваа уникатна меѓународна работилница е единствена од ваков тип во земјава и регионот и претставува еден од најзначајните културни настани за графичката уметност на Балканот, велат организаторите.

Оваа година, учесници на работилницата се 15 млади графичари од Србија, Босна и Херцеговина, Хрватска и Македонија, кои ќе творат под менторство на професорката Ива Ќуриќ од Хрватска со асистенција од Вида Меиќ од Хрватска и Сања Жигиќ од академијата во Нови Сад. Уметниците ќе имаат можност да работат во сите класични графички техники: висок печат, длабок печат, рамен печат и пропустен печат. 

- Ова е единственото место каде студентите имаат можност да работат со сите графички техники, што е огромен придонес за нивното уметничко образование и развој. Нашата визија е да продолжиме да создаваме простор каде младите уметници од регионот ќе можат да ги развиваат своите вештини и да ја поттикнуваат својата креативност, вели Виктор Семенпеев, претседателот на Здружението на граѓани Графичка работилница „Софија“ Богданци. ир/нд/

Фото: Графичка работилница „Софија“ Богданци

Остани поврзан