• сабота, 23 ноември 2024

„Австриската уметност по 1945“ по повод 30 години дипломатска соработка

„Австриската уметност по 1945“ по повод 30 години дипломатска соработка

Скопје, 30 октомври 2024 (МИА) - По повод 30 години воспоставена дипломатска соработка, Австриската амбасада во земјава и Националната галерија ја организираат изложбата „Австриската уметност по 1945“, која вечер ќе биде отворена во Даут пашин амам.

Како што информира Националната галерија, австриската современа уметност по 1945 година е производ на едно сложено и динамично испрепелтување на историските, политичките и културни сили.

- Современа уметност по 1945 година во Австрија се карактеризира со богата разновидност на стилови, движења и пристапи. Од егзистенцијалната апстракција на повоениот период до радикалните изведби на виенскиот акционизам и концептуалните истражувања на постмодернизмот, австриските уметници постојано ги поместувале границите на она што уметноста може да биде и што може да претставува. Денес, австриската современа уметност и понатаму е енергично и динамично поле, кое ги одразува не само локалните специфичности на австриската историја и култура, туку и пошироките глобални струи на современата уметничка практика. Преку своето творештво, австриските уметници длабоко се вклучија во политичките, социјалните и технолошките промени во 20-от и 21-от век, давајќи значаен придонес на меѓународната уметничка сцена, се наведува во поканата за изложбата. 

„Австриската уметност по 1945“ на македонската публика и открива еден важен аспект од австрискиот културен идентитет.

- Таа отвара можност да видиме дел од творештвото на некои од авторите кои низ децениите наназад учествувале во оформувањето на австриската уметничка сцена и афирмацијата на новите ликовни тенденции. Станува збор за избор од 50-тина слики и неколку склуптури - современи уметнички дела од повеќе автори кои со својот творечки и интелектуален потенцијал одиграле значајна улога во развојот на австриската ликовна уметност по 1945 година и денес се дел и од повеќе приватни колекции, стои во поканата за изложбата. мд/са/

Фото: Плакат 

 

Остани поврзан