• недела, 24 ноември 2024

Најавата на Ердоган за протерување на амбасадори е реторика за домашна употреба

Најавата на Ердоган за протерување на амбасадори е реторика за домашна употреба
Анкара, 25 октомври 2021 (МИА) - Наредбата на претседателот на Турција, Реџеп Тајип Ердоган да протера десет амбасадори, кои укажаа  на неправилностите во случајот со затворениот бизнисмен Осман Кавала според дел од странските аналитичари е реторика за домашна употреба. Радио Слободна Европа наведува дека наредбата за протерување на десетте амбасадори е обид на Ердоган да го сврти гневот на јавноста поради пропадната економија пред претстојните претседателски избори. - Нападот на Ердоган врз амбасадорите, меѓу кои и неколку сојузници од НАТО, ги загрозуваат напорите на Анкара да ги подобри односите со САД и со Европа, со цел да се подобри турската економија и да се стабилизира турската лира, што сериозно и штети на популарноста на претседателот и на неговата владејачка партија пред претседателските избори во 2023 година, објави Вашингтон пост. Додека Њујорк тајмс наведе дека Ердоган често е во судир со западните земји. - Заканата на Ердоган дека ќе протера 10 амбасадори изгледа укажува на враќање на мрачните односи на Турција со Западот, објави Њујорк тајмс, нагласувајќи дека „на дипломатите во Турција не им бил даден рок веднаш да си заминат, па не е јасно дали ќе бидат протерани“. Ердоган нареди што поскоро да бидат прогласени за „персона нон грата“ амбасадорите на 10 земји, меѓу кои и на САД, Франција и Германија. Доколку турското Министерство за надворешни работи ја прифати наредбата, може да продолжи со процесот без дополнително одобрување односно да се протераат дипломатите. Ердоган побара протерување откако амбасадорите од САД, Германија, Франција, Канада, Данска, Холандија, Финска, Нов Зеланд, Норвешка и Шведска побараа ослободување на Кавала, кој е четири години во притвор и покрај тоа што не е осуден. ми/

Остани поврзан