• понеделник, 23 февруари 2026

Панел-дискусија за актуелните прашања и предизвиците во ракометот

Панел-дискусија за актуелните прашања и предизвиците во ракометот

Скопје, 23 февруари 2026 (МИА) - Во организација на „Само ракомет“, а под покровителство на Ракометната федерација на Македонија, денеска, во Скопје, ќе се одржи втората панел-дискусија на тема „Ракометот –-спорт број 1?“ Како што најавуваат организаторите, настанот ќе биде поделен во три панел-сесии, на кои ќе се дискутира за актуелните прашања, предизвици и перспективи за развојот на македонскиот ракомет.

Првиот панел ќе биде посветен на влијанието на медиумите и социјалните мрежи врз ракометниот спорт. На оваа сесија ќе учествуваат Милан Лазаревски-Мечка, ракометар, новинарот Зоран Мишевски, тренерот Горан Кузмановски и психологот д-р Емилија Бошковска.

Вториот панел ќе се фокусира на развојот и промоцијата на ракометот, како и врската со училишниот спорт и почетоците на создавање на младите играчи. Учесници на оваа сесија се Филип Миркуловски, координатор на машките селекции, генералниот секретар на РФМ, Влатко Тасевски, Горан Ѓоргоноски од „Ракомет за секое дете“ и Елена Мицковска од Федерацијата на училиштен спорт.

Третиот панел ќе ги обработи стратешките цели и насоки за развој на ракометот во земјата. Во дискусијата ќе учествуваат Владо Недановски, спортски директор на РК „Вардар 1961“, Анета Антова-Пешева од Сојузот на стопанските комори на Македонија, претставникот на Здружението на судиите, Славе Николов, и претседателот на РФМ, Александар Стефанов.

Модератор на настанот ќе биде спортскиот новинар Перо Момировски. ар/бак/

Фото:Само ракомет

Остани поврзан