• вторник, 24 декември 2024

Одбележување на Светскиот ден на филозофијата по 21-ви пат

Одбележување на Светскиот ден на филозофијата по 21-ви пат

Скопје, 21 ноември 2024 (МИА) - Институтот за филозофија при Филозофскиот факултет во Скопје и Филозофското друштво на Македонија по 21. пат ќе го одбележат Светскиот ден на филозофијата.

Овој ден, востановен од УНЕСКО, започнувајќи од 2005 година се одбележува на третиот четврток од месец ноември и низ целиот целиот свет се одржуваат предавања, дебати, дијалози, средби со истакнати филозофи, меѓународни симпозиуми, изложби, филозофски кафеа итн... Всушност, првично, во 2002 година, УНЕСКО го прогласува 21 ноември за Меѓународен ден на филозофијата, за да по три години (во 2005) се фиксира датумот како флуктуирачки и се преименува прославата како Светски ден на филозофијата.

Во државава одбележувањето започнува во 2004 година, на иницијатива на тогашниот претстедател на Филозофското друштво на Македонија, Владимир Давчев (1962-2021). Низ годините, во рамките на настанот се организирани бројни симпозиуми посветени на одредени филозофи (Лок, Хегел, Дарвин, Шопенхауер, Хјум, Протагора...), како и на важни современи теми („Филозофијата и образованието“, „Филозофија и политика“, „Слободата и современоста“, „Филозофијата и мирот“, „Промислување на пандемиите“, „Филозофската мисла во Македонија“...).

Организаторите и оваа година нудат програма со мноштво настани. Секако, централен дел ќе биде симпозиумот посветен на големиот германски филозоф, Кант: 300 ГОДИНИ КАНТ, со што нашата земја се придружува на пригодното светско одбележување на оваа значајна годишнина. На симпозиумот ќе учествуваат петнаесет (15) истакнати филозофи и истражувачи, поделени во три сесии.

Во првата сесија (21 ноември, 12:30 – 15:00), свои излагања ќе имаат: проф. д-р Мирко Ѓошевски, проф. д-р Иван Џепароски, д-р Стивен Фридман (САД), проф. д-р Радомир Виденовиќ (Србија) и Љубомир Гајдов. Наредниот ден (22 ноември, петок) ќе се одржат уште две сесии. Во утринската сесија (10:00 – 12:30) ќе учествуваат: проф. д-р Марија Тодоровска, д-р Бошко Караџов, проф. д-р Јасмина Поповска, проф. д-р Сања Дејановиќ (Канада) и д-р Марија Тодороска; додека во последната сесија (13:00 – 15:30) ќе настапат: проф. д-р Куштрим Ахмети, проф. д-р Сенка Анастасова, Моника Наумоска, д-р Самуел Колономос Садикарио и д-р Игор Поп Трајков.

Настанот традиционално по осми пат ќе го отвори квартет гитари на студентите од Факултетот за музичка уметност во класата на проф. м-р Дарко Багески, коишто ќе изведат пасажи од Жизмонти, Пиацола, Крајдлер и една традиционална македонска адаптација.

Исто така, од тековната филозофска продукција, ќе биде промовиран 35. број на „Филозофска трибина“ (промотор: м-р Александар Богатинов). Свечениот дел од чествувањето ќе кулминира си доделувањето на наградата „Константин Философ“ за животно дело за 2024 година, којашто ќе му биде врачена на проф. д-р Мирко Ѓошевски. нд/са/

Фото: Плакат

Остани поврзан