• сабота, 23 ноември 2024

Началникот на ГШ на Вооружените сили на Албанија во посета на ГШ на АРМ и Министерство за одбрана

Началникот на ГШ на Вооружените сили на Албанија во посета на ГШ на АРМ и Министерство за одбрана
Скопје, 17 ноември 2021 (МИА) - Началникот на Генералштабот (ГШ) на Вооружените сили (ВС) на Албанија, генерал-мајор Бајрам Бегај, кој се наоѓа во дводневна официјална посета на Армијата на Република Северна Македонија, денеска ќе престојува во Генералштабот на Армијата и Министерството за одбрана. Како што информираат од прес-службата на Генералштабот на Армијата, тема на официјалните разговори, покрај билатералната соработка, ќе бидат и активностите во процесот на трансформација на Армијата, учеството во мировните операции и ангажманот во се уште актуелната мигрантска криза, како и капацитетите и можностите за изведување на вежбовни активности на армискиот полигон „Криволак“. По церемонијата за пречек со воени почести, генералот Бегај ќе оствари средба со својот домаќин, началникот на Генералштабот, генерал-потполковник Васко Ѓурчиновски и со министерката за одбрана, Радмила Шекеринска. Началникот на ГШ на ВС на Албанија, се посочува во соопштението, во текот на денот ќе биде примен и од претседателот на државата и врховен командант на Вооружените сили, Стево Пендаровски. Во текот на посетата, високата воена делегација ќе има можност да се запознае со дел од активностите на единиците од составот на Командата за операции во касарните „Илинден“ во Скопје и „Кузман Јосифовски Питу“ во Тетово. По завршување на активностите во Генералштабот и Министерството за одбрана, со соопштение до медиумите ќе се проследат фотографии и видео инсерти од активностите. фф/цр/

Остани поврзан