• четврток, 26 декември 2024

Началникот на германската армија предупреди дека војната во Украина може да ескалира

Началникот на германската армија предупреди дека војната во Украина може да ескалира

Берлин, 3 октомври 2023 (МИА) - Началникот на германската армија, генерал Карстен Бројер, предупреди дека војната во Украина може да ескалира и повика на зголемување на одбранбените способности на Германија и НАТО, јави ДПА.

Бројер, кој е главен инспектор на Бундесверот, спомена дека некои знаци во поставувањето пред анексијата на Крим во 2014 година и минатогодишната инвазија на Украина од страна на Русија, тогаш не биле земени предвид, а требало.

„Германија не беше во состојба да излезе од својата комфорна зона и не сакаше да верува дека тоа може да се случи“, истакна тој во говорот во пресрет на денешниот национален празник на Германија.

Според него, „резултатот е дека Берлин сега мора да ги поддржи земјите кои може да се гледаат како линија на фронтот“, и тоа го прави, на пример, како што посочи, со распоредување бригада во Литванија.

„Руската нелегална инвазија на Украина ја изнесе во преден план важноста да се има борбено подготвени сили“, рече Бројер на приемот што го организираше постојаниот претставник на Германија во НАТО, Геза Андреас фон Гер.

Тој истакна дека порано било потребно „стратешко трпение и стратешка смиреност“, а дека денес е неопходна „брза реакција“.

Фон Гер исто така даде лоша прогноза за безбедносната ситуација во Европа.

„Москва одлучи да го врати системот на контрола и репресија. Воената агресија на Русија отвора ново, мрачно поглавје во историјата на континентот“, рече Фон Гер за војната што ја започна Кремљ во февруари 2022 година. паг/

Фото: ЕПА

 

 

Остани поврзан