Началникот на Генералштабот на Израел: Копнената офанзива клуч за постигнување на израелските цели
- Началникот на Генералштабот на израелската армија, генерал Херзи Халеви, денеска соопшти дека за да се победи Хамас и да се спасат заложниците кои ги држи таа екстремистичка организација, неопходно е Израел да изврши голема копнена офанзива во Појасот Газа.
Ерусалим, 28 октомври 2023 (МИА) – Началникот на Генералштабот на израелската армија, генерал Херзи Халеви, денеска соопшти дека за да се победи Хамас и да се спасат заложниците кои ги држи таа екстремистичка организација, неопходно е Израел да изврши голема копнена офанзива во Појасот Газа.
- Поминаа три недели од почетокот на војната. Оваа војна има фази и денес влеговме во нова фаза, рече Халеви, осврнувајќи се на проширените копнени операции во Газа, пренесоа израелските медиуми.
- Нашите сили во моментов спроведуваат копнени операции во Појасот Газа кои ќе служат за постигнување на сите цели на војната: уништување на Хамас, безбедност на границите и враќање на сите заложници, рече тој.
- Целите на војната бараат влез на копно. Нема победа без да се плати цена, додаде началникот на израелската армија.
Тој објасни дека „нема друг начин да се уништи непријателот освен со голема сила да се влезе на неговата територија“ и оцени дека копнените операции „служат за тие цели на војната“.
- Хамас сега држи невини бебиња, деца, жени, мажи, постари граѓани. Ќе направиме се за да успееме во овој напор. Поставивме јасни цели, решително ќе се бориме и ќе победиме, рече Халеви.
Од почетокот на војната во Појасот Газа, повеќе од 7.700 Палестинци, меѓу кои 3.500 деца, се убиени во израелските напади, додека од израелска страна се пријавени околу 1.400 жртви. јт/
Фото: ЕПА