• среда, 25 декември 2024

Андоновски: Поделбата на МИОА не беше политичка одлука, дигитализацијата е поставена како стратешка цел на Владата

Андоновски: Поделбата на МИОА не беше политичка одлука, дигитализацијата е поставена како стратешка цел на Владата

Скопје, 8 јули 2024 (МИА) - Министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски вели дека поделбата на Министерството за информатичко општество и администрација на Министерство за дигитална трансформација и Министерство за јавна администрација била неопходна и дека не станува збор за политичка одлука со која ЗНАМ добива уште едно министерско место. 

-  Предлагач на овој закон е претседателот Мицкоски и мислам дека тој во својата идеја најдобро може да ја објасни причината за постоење на овие министерства, но можам да ви кажам дека уште од ноември месец, кога првпат започнавме со подготовка на програмата за избори, неговиот став беше дека администрација треба да се одвои од дигиталната трансформација и фокусот да биде на тоа Министерство на дигитална трансформација, така што не би рекол дека е политичка одлуката, изјави Андоновски вечерва за емисијата „360“ на МРТ.

Министерот Андоновски вели дека токму стратешкиот елемент кој му се дава на неговото Министерство, барал поголема фокусираност.

- Нашата идеја беше клучните, стратешки ресори, а дигитализацијата е поставена како стратешки приоритет на оваа Влада, да добијат свој ресор за да може тој функционално, целосно, да се посвети на задачата која му е дадена затоа што примерите покажуваа дека од спојувањето на администрација и информатичко општество, тие беа разделени во минатото, фокусот се префрлил исклучиво на администрацијата. И овој дел на дигиталната трансформација останал некако запоставен, посочува Андоновски.

Најавува дека до септември ќе биде готова и Нацрт верзијата на стратегијата за сајбер безбедност. 

- Нашиот фокус мора да биде сајбер безбедноста за да гарантираме доверба во ИТ системите. За сајбер стратегијата е потребна експертска работна група од сите релевантни институции која ќе го интегрира законот за безбедност на мрежи. До септември би требало да имаме Нацрт верзија за таа стратегија, а со тоа и формирање на сектор за сајбер безбедност во рамки на министерството кој ќе раководи со овие процеси, изјави вечерва Андоновски за МРТ. 
 
Во однос на медиумите, Андоновски најавува сеопфатна медиумска политика што би содржела стратегија за развој на медиумскиот сектор во насока на изнаоѓање минимум услови и стандарди кои одговараат за медиумите.

Во една инклузивна дебата, вели Андоновски, би добиле законски решенија во кои државата ќе регулира само тоа што треба да се регулира. 

- Силен јавен сервис кој ќе ја извршува основната улога да информира, да едуцира и да забавува на високопрофесионален начин и кој ќе биде независен од центрите на моќ во извршната, законодавната или судската власт, вели Андоновски. бак/дма/

Фото: Министерство за дигиална трансформација

Остани поврзан