• сабота, 21 декември 2024

Национална жалост в среда во Грција за смртта на Генимата, Парламентот ја прекинува работата

Национална жалост в среда во Грција за смртта на Генимата, Парламентот ја прекинува работата
Атина, 25 октомври 2021 (МИА) – Во шок и неверување, политичкиот свет, но и јавност во Грција, ја примија веста за смртта на лидерката на Движење на промена, Фофи Генимата, а со одлука на грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис, в среда, на денот на погребот ќе биде прогласена национална жалост, додека пак Парламентот до крајот на неделава ќе остане затворен, јави дописничката на МИА од Атина. На денешната седница на Парламентот, на пратеничкото место на Генимата, нејзините сопартијци оставија букети свежо цвеќе, додека пак претседателот на Парламентот соопшти дека парламентарните процедури планирани за оваа седмица се замрзнуваат. Погребот на Генимата ќе биде в среда, а претходно телото ќе биде изложено во Соборниот храм во центарот на Атина за граѓаните да ѝ оддадат почит, додека пак со одлука на Мицотакис ќе биде прогласен ден на жалост во земјата. Сите политичари во Грција, од претседателката и премиерот, па сè до министри од Владата, лидери на партии и пратеници изразија жалење за прераната смрт и сочувство до нејзиниото семејство. Коментарите се идентични, дека замина голема жена- борец. - Со длабоки емоции се збогуваме со Фофи Генимата. Храбра жена која достоинствено ги даде сите битки од нејзиниот живот, и најмалите и најголемите, без никогаш да ја изгуби својата светла насмевка, рече грчката претседателка Катерина Сакеларопулу. Премиерот на Грција Кирјакос Мицотакис, кој е во посета на Саудиска Арабија, во изјавата вели дека е „преплавен со мисли предизвикани од толку неправедната и прерана загуба“. - Фофи беше борец во животот, достоинствено се бореше со тешкотиите со нејзиното здравје и со непријателот што го погоди нејзиното семејство. И до крај остана исправена, служејќи ѝ на нејзината должност. Така, стана симбол на храброст за сите жени, но и за мажите соочени со тешки болести, рече Мицотакис. Поради смртта на Генимата, денеска се откажани низа настани во Грција. Закажаниот брифинг со владиниот портпарол претпладнево не се одржа, нема да се одржи ниту редовната прес конференција за процесот на вакцинацијата, а грчкиот премиер, кој е во посета на Саудиска Арабија, направи измени во програмата и го откажа планираното патување на островите Родос и Халки во среда и четврток. Иако водеше долгогодишна битка со ракот, смртта на Генимата дојде ненадејно, со оглед на тоа дека очекувањата беа дека по хоспитализацијата на 12 октомври, ќе биде пуштена на домашно лекување, но за жал, здравствената состојба синоќа драстично ѝ се влошила. Претседателката на централно левичарската грчка партија ја загуби долгогодишната битка со ракот и почина претпладнево на 57-годишна возраст. Во 2008 година ѝ беше дијагностициран рак на дојка и успешно се избори со болеста, а здравствените проблеми од пред две седмици, како што тогаш соопштија од болницата, се должеа на повторување на нејзината основна болест. Поради хоспитализацијата, Генимата се повлече од изборниот процес во партијата закажан за 5 декември за избор на нов лидер. Таткото на Генимата, Јоргос Гениматас, еден од основачите на ПАСОК, почина во 1994 година, кога на 55 години ја загуби битката со ракот, само седум месеци по смртта на неговата сопруга и мајката на Фофи, која исто така почина од рак.ср/ссм/

Остани поврзан